Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #4“ во рамките на 5. „Скопски поетски фестивал“

Веќе четврта година по ред, „Скопскиот поетски фестивал“ неофицијално ќе го отворат најмладите поети на возраст од 16 до 25 години кои со своја поезија ќе се претставуваат под сијаличките на сцената во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, во рамки на настанот „Отскочна даска“.

Оттука, „Скопскиот поетски фестивал“ објави повик за млади поети за ова младинско потско читање, кое годинава ќе се одржи на 12 април, со почеток од 20 часот.

„Драги млади поети и поетеси, и оваа година настаните на фестивалот почнуваат токму со вас! Ве повикуваме сите што можеби веќе сте ја објавиле вашата прва песна во некое книжевно списание, или сте ја објавиле и вашата прва стихозбирка, што веќе сте настапиле на некое поетско читање или чекавте токму ваква можност да направите нешто такво, да се пријавите на нашиот повик, да ја искористите оваа шанса да бидете прочитани, видени и слушнати, и да ве запознаеме, да си споделиме стихови и да се дружиме на овој преубав преднастан на фестивалот

Нашиот тим, врз основа на испратените песни, ќе ги избере учесниците што ќе настапат на „Отскочна даска #4“, а вечерта, на поетското читање, вие самите со анонимно гласање, ќе го изберете најдобриот или најдобрата меѓу вас врз основа на севкупниот впечаток по настапите. Со ова ќе одлучите кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на петтото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација заедно со другите повозрасни и етаблирани поети.

Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија, фотографија со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот contact@spf.mk најдоцна до 7 април на полноќ.

Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 9 април на Фејсбук и на Инстаграм страниците на фестивалот.

Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 24 април“, стои во повикот на „Скопски поетски фестивал“.

Скопскиот поетски фестивал, чиешто петто издание ќе се одржи во периодот од 24 до 26 април, е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Традуки, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и кафе-книжарницата „Буква“.