„Партизанска штампа“ заедно со КСП Центар Јадро организираат работилница за сито штампа, која ќе се одржи есенва, а ќе трае осум недели. Предвидени се вкупно осум работилници, а една работилница ќе трае два часа. Учесниците ќе работат на продукција на сито печат, односно, уметнички книги, маици и плакати) преку медиумот на длабински цртеж.
„Ги мотивираме да се пријават сите оние кои го сакаат или се плашат од цртежот со цел да ја почувстваат магијата на линијата и слободата на изразот. Целта е да излеземе надвор од форматот на „добро или лошо“! Сите знаеме да цртаме, само треба да си ја дадеме слободата да се изразиме и да се ослободиме од стравот од грешка! Дојдете да цртаме и да печатиме во лабораторијата на Партизанска штампа“, велат оттаму.
*Работилниците почнуваат од 24 септември, а ќе се одвиваат во лабораторијата на Партизанска штампа. Сите заинтересирани може да се пријават тука, а рокот за пријавување е до 23 септември. По исполнување на работилниците, учесниците ќе имаат групна изложба во КСП Центар – Јадро.
Партизанска штампа е самоорганизиран уметнички колектив кој работи во рамки на Здружението за култура и уметност „Колектив Ветерница – Скопје“. Инициран во 2014 година како дел од ФРИК Фестивал активно експериментира во областа на сито печатот од 2016-тата година.
Оттогаш, колективот остварува различни соработки со индивидуални уметници (повеќе од 50 уметници) и колективи (15 колективи) кои работат во земјата и во Европа. Инициран под менторство на уметничкиот колектив „Матријаршија“ од Белград, го калеше занаетот на ситото во различни европски земји и фестивали на графички уметности. Партизан штампа е дел од европскиот проект „Турбулатор“ како мало студио за печатење заедно со големите штампарски колективи како „Ла Дерниер Кри“, „Арара“ и „Студио Ла С“. Досега има издадено повеќе од 60 плакати, 5 уметнички книги и е организатор на Уметничката резиденција „Папрадиште“ заедно со 5060 и ЕК Грин Пауер која беше домаќин на 60 уметници од целиот свет во 2018 и 2019 година.