Радио МОФ организира две новинарски работилници на тема „Како да се користат онлајн алатки за правење истражувачки стории на Балканот“ и „Студентски стандард“ кои ќе се одржат на 27 и 29 септември 2014 година.
Работилницата за користењето на онлајн алатките во истражувачкото новинарство ќе биде одржана од српскиот истражувачки новинар Стеван Дојчиновиќ и ќе се одржи на 27.09.2014 (сабота) од 10 до 17 часот.
Дојчиновиќ живее и работи во Белград, Србија, за Центарот за истражувачко новинарство – Србија (CINS) и Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP). Темите кои најчесто ги истражува се врските помеѓу организираниот криминал и балканските бизнисмени, зделките за приватизација, перењето пари, приватните агенциии за обезбедување и коцкарската индустрија. Тој исто така подучува новинари како да собираат и анализираат информации од бизниси и од записи за имоти. Стеван е добитник на повеќе награди за истражувачко новинарство, како Daniel Pearl наградата за истражувачко новинарство за 2011 и Jug Grizelj наградата за 2012 година.
Втората работилница ќе се одржи нa 29.09.2014 (понеделник) од 10 до 17 часот и ќе преставува редакција за млади новинари кои под уредништвото и менторството на новинарот Зоран Бојаровски ќе пишуваат на темата „Студентски стандард“. Работилницата ќе им овозможи на учесниците низ практична работа да ги унапредат своите вештини во новинарството.
Повикот за учество на работилниците е отворен за сите млади кои сакаат да го збогатат своето новинарско искуство и знаења, но и да се инспирираат и научат повеќе од новинарите кои ќе ги организираат двете работилници. Обуките не се наменети само за новинари туку и за млади кои сакаат да пишуваат и истражуваат.
Работни јазици за работилниците се англиски и македонски. Работилниците ќе се одржат во клубот ГЕМ. Сите заинтересирани за аплицирање, треба да се пријават со пополнување на апликацијата подолу.