За првпат е отворен регионалниот конкурс за краток расказ –Бибер. Темата на конкурсот е помирување во контекст на наследството од војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, особено во периодот 1991-2001 година.
Повикот се однесува на сите автори и авторки кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски исрпски јазик да ги испратат своите раскази. На конкурсот можат да се пријават афирмирани автори и авторки, како и на оние кои досега немаат објавувано.
Пријавувањето на конкурсот се врши исклучиво по електронски пат, а авторите и авторките можат да испратат најмногу два кратки раскази кои не смеат да бидат подолги од 9.000 карактери (со празни места) и треба да бидат напишани на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски и српски јазик (се подразбираат и другите називи на овие јазични групи, како на пример српско-хрватски јазик) и да бидат потпишан со шифра. Расказот не смее да биде претходно објавуван, интегрално или во склоп на некоја поголема целина.
Конкурсот е отворен дo шести септември, а одлуката на жири-комисијата ќе биде објавена до 31 јануари 2016 година.
Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди:
1. награда 800 евра
2. награда 600 евра
3. награда 400 евра
Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник. Жири-комисијата ја сочинуваат Дорунтина Баша, Фарук Шехиќ и Бојан Кривокапиќ. Конкурсот го организира тимот на Бибер во соработка со Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.
Тимот на „Бибер“ претставува книжевно-активистички тим формиран околу идејата дека уметноста може да ја инспирира општествената промена. Повеќе информации за конкурсот има на овој линк.