Фондацијата Претприемачки Сервис за Млади отвори повик за бизнис идеи од областа на животната средина за учество во повеќемесечна акцелераторска програма „Зелена транзиција“.
„Акцелераторската програма за зелени бизнис идеи е бесплатна тренинг и менторска програма специјално дизајнирана за поддршка на зелени претприемачи кон креирање одржливи циркуларни бизнис модели. Учесниците во програмата ќе стекнат продлабочени знаења за правната рамка и потребните дозволи за работа, како да дефинираат циркуларен бизнис модел за својата бизнис идеја и како да ги искористат можностите за финансирање на зелени технологии“, се вели во повикот.
По завршување на програмата учесниците ќе имаат можност да се претстават на меѓународна конференција за циркуларна економија која ќе биде организирана во Скопје, како и да аплицираат на програмите на Европската банка за обнова и развој за менторски проекти.
Право на учество имаат сите поединци и сопственици/управители на компании не постари од 35 години од целата територија на Македонија кои имаат бизнис идеја во областа на животната средина. Учеството бесплатно, но бројот на учесници е ограничен. Бизнис идејата треба да припаѓа на некоја од следните области:
- управување со отпад;
- вода и воздух;
- енергија и енергетска ефикасност;
- обновливи енергии;
- дигитални технологии;
- паметни материјали;
- одржливост;
- циркуларна економија;
- климатски промени и друго.
Крајниот рок за аплицирање е 2 јули преку пополнување на онлајн апликација, а повќе информации може да се најдат тука.