Детскиот културен центар при МКЦ организира серијал на астрономски работилници за деца од 8 до 12 години, кои ќе се одржуваат во периодот од 6 април до 25 мај. Едукатори на часовите ќе бидат Моника Пешевска, дипломиран физичар и Доротеј Нешовски, дипломиран ликовен уметник.
Во текот на работилниците децата ќе учат за промената на денот и ноќта, за промената на фазите на Месечината, преку игра и креативно творење ќе изработуваат модели на Сончевиот систем, 3Д-соѕвездија како и потенцијална населба на Месечината.
„Активностите вклучуваат и учење за планетите, ѕвездите, нашата галаксија Млечен пат како и за највпечатливите небесни објекти, кои може да се видат на ноќното небо. Преку истите ќе се поттикне развивање на љубопитноста за астрономијата, запознавање на природата околу себе и развивање љубов и восхит кон науката уште од најрана возраст“, се наведува во соопштението.
Часовите ќе се одвиваат секоја среда од 17:00 до 18:30 часот, во просториите на МКЦ (Детскиот креативен центар, Планетариумот и во дворот на МКЦ).
Цената на индивидуален час е 300 денари, а доколку се пријавите за учество во текот на цел месец (4 часови) цената изнесува 1000 денари.
Пријавувањето е задолжително преку dkc.skopje.mkc@gmail.com и moni.peshevska@gmail.com
Пријавата треба да се испрати до двете маил-адреси и во неа треба да се наведат името, презимето и возраста на детето, името и презимето на родителот/старателот како и за кој час се пријавувате.
„Доколку се пријавувате за учество на индивидуален час, потребно е да се пријавите минимум 2 дена пред одржувањето на часот. По пријавувањето треба да добиете одговор во врска со пријавата. Бројот на учесници на секој час е ограничен“, стои во соопштението.