Форум Цивилен Мировен Сервис (forumZFD), Младински културен центар – Битола, Фонд за холокаустот за Евреите од Македонија и Pax christi Aachen ги покануваат заинтересираните млади од Германија и Македонија да станат учесници на интернационалниот летен камп „Справување со минатото и историјата на Евреите на Балканот”.
Овој проект ќе се реализира во Битола, од 6 до 17 септември. Право на учество имаат млади на возраст од 18- 30 години кои сакаат да бидат дел од оваа интеркултурна размена и градење на мир преку средба на младите.
Целта на оваа акција е да се промовира мирот, сеќавањето и разбирањето преку ревитализација на долго напуштените историски еврејски гробишта во Битола. Археолошка работа на терен, екскурзии, интерактивни работилници и предавања за справување со минатото, (Еврејската) историја на Балканот, ненасилна конфликт трансформација итн., одржани од страна на експерти и истражувачи, ќе бидат дел од проектните активности.
Патните трошоци и сместувањето на учесниците кои доаѓаат од Македонија ,се целосно покриени од страна на организаторот.
Краен рок за аплицирање е 1 август. Сите информации за проектот и апликацијата може да се најдат на следниов ЛИНК.