Во склоп на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите” на НМСМ и CEED Hub Скопје, отворен е повик за повеќенеделна акцелераторска програма.
Проектот има цел да придонесе кон професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции прилагодени на потребите на пазарот на труд. Односно, проектот ќе ја постигне целта преку градење вештини кај младите што ќе им помогнат да најдат соодветно работно место, за креирање можности за поврзување на младите со работодавачите, но и обезбедување поддршка за млади за вклучување на пазарот на труд и можности за нивен личен и професионален развој.
Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и поддржан од Претседателот на Република Северна Македонија.
Акцелераторската програма е наменета за потенцијални млади претприемачи кои размислуваат да започнат сопствен бизнис (стартап) или за новоосновани младински стартапи кои имаат интерес да ги развијат своите услуги и својот бизнис. Сите учесниците во оваа програма ќе добијат менторска поддршка за утврдување конкретни начини за решавање проблеми, како и широк спектар на можности за поврзување со други претприемачи, инвеститори, партнери и соработници.
Програмата ќе вклучи и обука за претставување на бизнис идејата, а ќе заврши со демо ден, каде стартапите ќе се презентираат пред потенцијални инвеститори.
Дел од методите кои ќе се употребуваат за време на реализацијата на акселераторската програма се тренинг процес наменет за сите селектирани стартап бизниси, групни и индивидуални сесии, поврзување и претставување идеи (демо ден).
Според организаторот, оваа методологија досега е докажана со повеќе од 100 стартап бизниси и е развиена и имплементирана со повеќе од 40 домашни и странски професионалци.
Услови и обврски за учество во програмата
Заинтересираните кандидати за учество во младинската акцелераторска програма потребно да ги исполнуваат следните услови:
Да бидат млади лица на возраст помеѓу 18 и 35 години
Да имаат идеја за бизнис или веќе да имаат основано свој стартап.
Сите селектирани учесниците ќе имаат обврска активно да се вклучат во акцелераторската програма од почеток до крај, со цел нејзина успешна реализација и обезбедување целосна поддршка за развој на бизнис идејата/стартапот.
Начин на пријавување
Заинтересираните кандидати треба да го пополнат формуларот достапен на овој линк најдоцна до 08.10.2021, на полноќ. Доколку се потребни дополнителни информации за проектот или повикот, слободно обратете се на applications@nms.org.mk или на 070/399-058.