Младински образовен форум (МОФ), Центар за наука и иновации за развој (SCiDEV) од Албанија и Центар за образовна политика (ЦЕП) од Србија објавуваат повик за истражување, активизам и зајакнување на регионалната соработка меѓу трите земји наменет за млади лица.
Повикот е дел од Регионалната програма за младинско лидерство за мобилност (RYLMP) за 2022/23 и е отворен за млади луѓе на возраст од 20 до 30 години.
„Програмата е отворена за млади, студенти и припадници на академската заедница и граѓанските организации, млади професионалци и младински активисти од регионот кои се заинтересирани за развивање капацитети во областа на истражување, застапување, лидерство, активизам, интеркултурна размена и зајакнување на регионалната соработка меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија“, се вели во повикот.
Сите кои се заинтересирани треба да аплицираат со предлог-теми за обработување за време на мобилноста и тоа во склоп на една од овие области: Регионална соработка, Образование и можност за вработување, Миграција и одлив на мозоци, Учество на млади
и Младинска акција за заштита на животната средина.
Процесот на аплицирање ќе се врши во два чекори. Најпрво сите заинтересирани за аплицирање ќе треба да пополнат формулар за аплицирање кој е достапен на овој линк, Шаблон за предлог акција за застапување водени од податоци на RYLM, биографија (CV) и писмо со препорака. Понатаму, како што информираат од МОФ ќе биде извршена евалуација на пристигнатите апликации и апликантите кои ќе влезат во потесен круг ќе бидат повикани на интервју.
Потоа избраните учесници ќе бидат споени во мешани тимови во согласност со нивните предлог-теми. Сите избрани ќе поминат период на мобилност во времетраење од две до три недели во секоја од земјите, каде што ќе работат на одбраните теми заедно со членовите од тимот и нивните ментори.
Рокот за аплицирање на повикот е најдоцна до 30 јануари 2023 година.
На учесниците кои ќе бидат ќе им биде обезбедена финансиска поддршка за да ги завршат нивните проекти и да ги покријат трошоците за мобилност.
Повеќе информации околу процесот на аплицирање може да се најдат тука и тука, а за дополнителни прашања може да се обратите на оваа е-адреса: joana_treneska@mof.org.mk.
Финансиската поддршка за учество во програмата е обезбедена од Фондацијата Отворено општество.