Партнерите од меѓународниот проект ПРОСПЕР од 1 до 30 април 2024 година ќе организираат меѓународна резиденција во Охрид чиј приоритет е истражување на еколошките предизвици со кои се соочуваат Охридското Езеро и населените места во негова близина.
За таа цел отворен е повик за уметници, дизајнери, истражувачи и културни работници да се пријават за учество.
„Фокусот на резиденцијата е Охридското Езеро, како светско историско и природно наследство, односно еколошките предизвици со кои се соочува тоа поради неодржливите практики во туризмот. Главната цел на програмата е да ги инспирира учесниците да најдат врски помеѓу својата пракса, фрагилната средина во која ќе работат и луѓето кои живеат таму“, најавуваат организаторите.
Оттаму додаваат дека учесниците ќе имаат можност низ креативна работа да ги преточат во уметнички дела инспирациите и размислувањата поврзани со Охридското Езеро преку соработка со локални уметници. Резиденцијата ќе биде со времетраење од 30 дена, со група од 8 учесници. Програмата завршува со заеднички еднодневен фестивал каде учесниците ќе имаат можност да го прикажуваат својот креативен труд развиен во текот на истата.
Рокот за пријавување е до 6 ноември 2023 година.
ПРОСПЕР (ПРОтотип за одржливи резиденции на ПЕРиферии) е меѓународен проект ко – финансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија во кој учествуваат 5 партнерски организации: ЛУП (Грција), Ехо анимато (Србија), Ојун (Германија), Перипетија Продукција и ЛДА Струга (Република Северна Македонија).
ПРОСПЕР има за цел: зајакнување на меѓународната културна соработка и методологиите за интегрирање на еколошките прашања во уметничките практики, градење на посилна врска помеѓу уметноста и туризмот, развој на нова локална публика и зајакнување на видливоста на европските уметници. Во рамките на целиот проект ќе бидат реализирани: резиденции, фестивали, ко – продукции, изложби, публикации, работилници, обуки и презентации.
Повеќе информации и линк за пријавување може да се најдат на следната веб страница: https://mk.peripetija.com/prosper
За дополнителни информации и дополнителни прашања може да испратите меил на: residenciesinperipheries@gmail.com