Интернационалниот фестивал за креативни документарни филмови „МакеДокс“ објави повик за волонтери на седмото издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 20-26 август во Скопје.
Волонтерите ќе имаат можност да бидат дел од спремањето на фестивалот, да се дружат и запознаваат голем број на луѓе, а притоа ќе можат беспплатно да ги следат филмовите.
Нивна задача ќе биде средување на просторот, лепење плакати, помош во кујна или билетара, продажба на штандови, фотографирање, возење или дружење на гости, помош на шанк, одржување на просторот, помош и поддршка за работилници, средби, дискусии, проекции.
„Шест години МакеДокс ја раскажува својата приказна, во Куршумли Ан, во Скопје, на Балканот. На планетата земја. Шест години, една од главнте приказни на фестивалот, се гради и прераскажува од волонтери. Секогаш нова, романтична, смешна, носталгична. Магична. Природна. Разиграна. Волонтерите се клучни запчаници во големиот и необичен механизам наречен МакеДокс. И тоа е толку очигледно, за секој којшто го посетил фестивалот. Секоја нова генерација на волонтери носи нова енергија, полет, елан и насмевки. Да се волонтира на МакеДокс е своевидна авантура и уживање“, велат од „МакеДокс“.
Заинтересираните треба да се пријават на contact@makedox.mk, најдоцна до втори август.