Фестивалот за креативни индустрии „Скопје Креатива 2015“ кој годинава се одржува од 16 до 20 септември, објави отворен повик за волонтери. Фестивалот има потреба од млади, енергични и дружељубиви волонтери кои имаат желба да се дружат со студенти од регионот, со млади дизајнери и бизнис професионалци и бидат дел од овој меѓународeн настан.
Од волонтерот се очекува да има интерес за дизајнот и сродните области и разбирање на други култури.
Волонтерскиот ангажман е предвиден во период 13-21 септември. Орагнизаторот за секој волонтер ќе обезбеди бесплатно користење на јавен транспорт (автобус, воз), оброк и пијалок, сертификат, незаборавни искуства, дружење и забава.
Скопје Креатива е отворен за соработка за сите старосни групи, сите полови, раси и религии, за сите оние кои се спремни за нови предизвици и стекнување на ново искуство, а пред да уживаат во дружењето со млади креативни и интернационални дизајнери, да откријат нови можности кон професионална надоградба и да стекнат скапоцено искуство. Сите заинтересирани за волонтери може да се пријават на info@kongresencentaram.mk со назнака *за волонтер.
Годинава фестивалот се одржува под мотото „Скопје – мојот град!“. Во четирите фестивалски денови ќе се одржат презентации, предавања, работилници, панел дискусии, форуми и дебати. Посетителите ќе имаат можност да учествуваат на настани поврзани со филмски и видео перформанси и театар, додека во вечерните часови ќе може да уживаат во музика.