Повисоки плати, иновации, нови студиски програми – Што ветуваат кандидатите за ректор на УКИМ?

Зајакнување на академскиот кадар, современи студиски програми и поддршка на студентскиот активизам, зголемена меѓународна соработка, иновации, развој и повеќе наука. Ова се главните теми во програмите на кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои во следниов период ќе ја претставуваат својата визија за тоа како треба да се развива најголемиот македонски универзитет во следните три години.

Изборите се закажани за 30 мај, а во трката се вкупно шест кандидати. Ние во Радио МОФ ги пролиставме нивните програми, со цел да провериме кои се главните проекти кои тие ги ветуваат на студентите и на своите колеги професори, нивните вредности и визијата која ја нудат доколку ја добијат довербата да го предводат УКИМ.

Проф. д-р Горан Ајдински – Филозофски факултет

Програма за работаБиографија / Библиографија

Професорот Ајдински својата програма ја темели според принципите на автономен интегриран универзитет, кој ќе ги штити и одржува академската слобода и автономија. Тој најавува дека во неговото работење ќе се почитуваат спецификите на членките на универзитетот и ќе се негуваат различностите и основните принципи на солидарност, користејќи го целокупниот потенцијал за заеднички напредок.

Кандидатот за ректор во програмата планира компјутерско поврзување на единиците на универзитетот во единствена комуникациска и функционална целина, со што би се олеснило административното работење. Дополнително тој ветува и подобрување на универзитетските капацитети, како и основање на универзитетски фондови и канцеларии. За да се остварат овие негови заложби, тој се залага за зајакнување на кадровскиот потенцијал и вработување на млад академски кадар, обновување и јакнење на просторните капацитети, подобрување на дигитализацијата, како и покачување на платите на наставниот кадар и администрација.

Во делот посветен на студентите, Ајдински ветува дека ќе работи на поттикнување на нивното критичко мислење, зголемување на мобилноста, олеснување во административните услуги преку информатичката технологија, како и континуирана анализа на студиските програми. Квалитетот на наставата планира континуирано да се следи преку процесот на самоевалуација и евалуација, која ќе се усовршува и проширува преку следење на повеќе параметри за подигање на квалитетот.

Во врска со препознатливоста на УКИМ на светските ранг-листи на универзитети, професорот најавува дека ќе се направат пошироки консултации и дебати со сите оние кои ги познаваат системите и методологиите на рангирање, со цел точно да се лоцираат проблемите и да се изнајдат решенија.

„Динамичните промени кои се случуваат во европскиот високообразовен и истражувачки простор, бараат сериозен пристап, сеопфатни анализи со вклучување на целиот висококомпетентен кадровски потенцијал на Универзитетот, но истовремено и флексибилност во функционирањето, заради нашата посилна интернационализација, препознатливост и позиционирање на Универзитетот во тој простор“, пишува во програмата на Ајдински.

Проф. д-р Биљана Ангелова – Економски институт

Програма за работаБиографија и библиографија

Професорката Ангелова во својата програма УКИМ го гледа како отворен универзитет со европски вредности, видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор. За таа цел таа ветува унапредување на квалитетот на наставата и подобрување на условите за студирање на единиците на Универзитетот, унапредување на научно-истражувачката дејност, зголемување на научноистражувачката продуктивност и подобрување на рангирањето, интернационализација преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети, како и зајакнување на соработката со бизнис секторот и поттикнување на универзитетско претприемништвото.

Во контекст на унапредување на процесот на создавање на иновации Ангелова вели дека ќе се залага и за формирање на т.н. „живи лаборатории“ (living lab), кои функционираат како екосистеми на отворени иновации во реалниот живот и во реалното опкружување, фокусирани на создавање на прототипови, нивно тестирање и подобрување преку разни бизнис модели. Истовремено, таа вели дека ќе се залага и за формирање на дигитални хабови, зелени хабови и иновативни хабови, кои ќе делуваат во различни научни подрачја, како јадра на Универзитетот со капацитет да создаваат иновативни додадени вредности.

„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе биде отворен за секој член на академската заедница и ефикасен сервис на неговите единици, спремен да ги прифати bootom up иницијативите, да ги поддржи и спроведе, бидејќи развојот и просперитетот на секоја единица и секој член на академската заедница на УКИМ е наш заеднички успех. Отворен универзитет ќе обезбеди полесно и поуспешно функционирање на академската заедница бидејќи СИТЕ СМЕ УКИМ!“, стои во нејзината програма.

За развој и спроведување на културата на квалитет, професорката најавува интерни и надворешни механизми, како воведување на индивидуална евалуација, најмалку еднаш годишно, како и обезбедување на објективна надворешна евалуација од страна на Асоцијацијата на европски универзитети.

Кандидатката за ректор планира и да се фокусира на дигитализацијата. Таа вели дека и покрај тоа што оваа дигитална трансформација е навлезена во многу сегменти на општеството, сепак Универзитетот се` уште функционира по застарени, хартиени и неефикасни модели на работа.

Проф. д-р Ратко Дуев – Филозофски факултет

Програма за работаБиографија и библиографија

Со цитатот на староримскиот историчар и филозоф Салустиј „Имено во слога и малите нешта растат, во неслога и најголемите се распаѓаат“, професорот Ратко Дуев ја започнува својата програма која се заснова на приоритети како: привлекување и стипендирање на најдобрите средношколци за студирање на УКИМ, капитални инвестиции за градежни работи и опрема, поврзување со стопанството за заедничко креирање на студиски програми, унапредување на иновациите во научно-истражувачката работа и зголемување на интернационализацијата на универзитетот.

„Долгогодишното искуство ми дава право врз основа на реалните можности, и човечките потенцијали, да предложам програма со чија реализација, и со помош на сите вработени, ќе се обезбеди поголем развој на Универзитетот во наредниот тригодишен период, едноставно ректоратот да не биде независна и одвоена единица од факултетите и институтите, туку нивен помагател и поддржувач
во сите нивни научни, наставни и проектни активности“, пишува во воведниот дел на програмата на Дуев.

Според него, потребна е промена во начинот на финансирањето на УКИМ за да се оствари вистинска автономија. За зголемување на приходите на Универзитетот тој меѓудругото предвидува зголемување на средствата од буџетот за капитални инвестиции, зголемување на финансиите од интернационализација на наставата, поддршка на јавно приватно партнерство, како и подобрено надворешното финансирање за истражувања базирано врз проекти.

За студентите Дуев најавува нивно вклучување во истражувачки проекти, студентски паркови, поддршка на студентски списанија и проекти, зголемување на студентската мобилност, студентски сервиси за поддршка на студентите со попреченост, одбележување на „17 Ноември“ – Меѓународниот ден на студентите и поддршка на спортски и културни активности.

Дополнително, тој најавува и воведување нови студиски програми во соработка со Центарот за кариера, со тоа што Ректоратот преку анализа на реалните потреби на приватниот и јавниот сектор, со вклучување стручни лица од овие сектори, ќе поттикне и ќе поддржува акредитација на програми кои би создавале кадри што се дефицитарни и потребни.

Проф. д-р Атанас Кочов – Машински факултет

Програма за работаБиографија / Библиографија

Професорот Атанас Кочов во воведот на својата програма вели дека решил да се кандидира за ректор поттикнат од актуелната состојба на УКИМ – досега најголем пад на Шангајската листа за рангирање на универзитетите, најнизок стандард на вработените и драстично намалување на бројот на студенти.

Под мотото „УКИМ државна ризница и традиција! УКИМ ќе направи повеќе за сите!“, тој вели дека за зајакнување на положбата на Универзитетот ќе работи на приоритетите како: меѓународна афирмација и унапредување на рејтингот на УКИМ, вработување на неопходен кадар преку задржување на најдобрите студенти, унапредување на стандардот и условите за работа на вработените и стандардот на студентите, како и промени во начинот на финансирање на УКИМ и иницирање измени во Законот за високо образование во насока на олеснување на постапката за вработување на потребниот кадар на Универзитетот.

„Сите заедно, да го издигнеме УКИМ над сите останати Универзитети во Македонија, да не дозволиме да биде третиран на ист начин како и сите останати универзитети. УКИМ мора да има посебен третман, бидејќи Универзитетот бил и секогаш ќе биде стожерот на нашата Македонија, ќе биде стожер на сите политики, на културата, традицијата, ризница на знаење, кадар, наука, истражувања, партнер на македонското стопанство, полн со иновативност, креативност, уметност, претприемачки дух“, повикува Кочов во неговата програма.

За студентите тој најавува безрезервно воведување на инклузивност со обезбедување услови за непречено студирање на студенти од ранливи категории и студенти со попреченост. Дополнително тој вели дека посебно внимание ќе биде посветено на транспарентен, и добро воспоставен однос професор-студент, нула толеранција за непотизам и корупција.

Професорот вели дека УКИМ заедно со стопанството мора да биде лидер и имплементатор на Стратегијата за паметна специјализација на Македонија, која е обврска на државата во преговорите со ЕУ. Според него во наредниот период мора посебно внимание треба да се обрне на одржливиот и инклузивен развој, инвестирање во заштита на животната средина, доброволни активности, доделување стипендии на ранливите категории, пристап до универзитетските програми за лицата со посебни потреби, целосна инклузија во наставниот процес. Организирање концерти и изложби од вработените и студентите.

Меѓу идеите на Кочов е отворање на Центар за политехничко образование со учество на партнери од стопанството, во кој ќе се реализираат студиски програми креирани од сите единици на УКИМ во соработка со стопанските и услужни компании. Дополнително најавува и формирање на Центар за мултидисциплинарни истражувања, чија цел ќе биде поттикнување на нови, мултидисциплинарни истражувања, кои ќе ги интегрираат знаењата и капацитетите на единиците од Универзитетот согласно светските научноистражувачки трендови.

Проф. д-р Христина Спасевска, Факултет за електротехника и информациски технологии

Програма за работаБиографија / Библиографија

Под мотото „Европско образование на УКИМ“ професорката Христина Спасевска вели дека нејзината програма ја подготвила земајќи ги во предвид предлозите на повеќе од 200 професори и студенти.

За подигањето на УКИМ на меѓународните ранг листи, таа вели дека е можно само со инволвираност на целиот научноистражувачки потенцијал од Универзитетот и политичка одлука на државата да го има најдобриот универзитет помеѓу првите 1000. Според неа УКИМ треба да ја зајакне соработката помеѓу единиците на остварување интердисциплинарни истражувања, поддршка на младиот истражувачки потенцијал и пласирање на универзитетските научни резултати на меѓународно ниво преку истражувачки мрежи и отворена наука.

„Применувајќи ги европските стандарди за квалитет и искуството на странските универзитети што котираат високо на меѓународните ранг листи, со политичка одлука на државата, да се преземат системски и одржливи мерки за поставувањето на УКИМ помеѓу најдобрите. Тоа директно ќе придонесе за подобри услови за работа на вработените и студентите, но и поголем стандард на академскиот кадар“, стои во програмата.

Спасевска предлага и воспоставување на нов систем за обезбедување квалитет, кој би се базирал на пристапот „360 степени“ – преку кој ќе се следи имплементацијата на предложените мерки од Комисијата за самоевалуација во форма на акциски и годишни планови за обезбедување квалитет, со поставени мерливи вредности на индикаторите. Според неа овој пристап ќе овозможи рационализација на студиските програми и наставните предмети и воведување поголема интердисциплинарност во нив, како и дефинирање политики за привлекување на средношколците и на странски студенти, поквалитетна наука, насоченост кон претприемништво и иновации, но и подобри услови за студирање и работа на УКИМ.

Спасевска за студентите ветува дека доколку дојде на позицијата ректор дел од приоритетите ќе ѝ бидат зајакнување на капацитетите на Центарот за кариера на УКИМ, програма за студентски активности и меѓународна мобилност, стипендирање студенти, поддршка на студентите со попреченост, советувалиште за ментално здравје и поддршка на студентскиот активизам и автономија.

За подобрување на дигитализацијата професорката предвидува создавање услови за целосна имплементација системот „iLearn“ и системот за електронско плаќање на студентите и можност да ги користат сите студенти на УКИМ од прв, втор и трет циклус на студии. Дополнително таа најавува и нова современа интернет страница и брендирање во сите домени, што според неа многукратно ќе ја зголеми видливоста на Универзитетот.

Проф. д-р Димитар Ташковски – Факултет за електротехника и информациски технологии

Програма за работаБиографија и библиографија

Во својата програма, професорот Димитар Ташковски вели дека одлуката да се кандидира за ректор била поради намерата да придонесе за трансформација на УКИМ во современ, отворен и пред се` истражувачки Универзитет кој ќе биде двигател на промените во општеството.

Неговиот главен приоритет ќе биде развивање систем на образование на УКИМ каде студентите се во центарот на образовниот процес и во кој наставата се фокусира на резултатите од учењето, односно на она за што студентите ќе бидат оспособени по завршување на студиите. За тоа, според професорот, потребно е да се овозможи континуирано усовршување на наставниците, пред сѐ за воведување на нови наставни методологии и користење на дигиталните технологии во наставата. Дополнително тој вели дека УКИМ мора да ги зајакне карактеристиките на силен истражувачки универзитет и континуирано да ја подобрува својата позиција во домашни и меѓународни рамки, но и јасно да ја покаже својата посветеност на иновациите.

Тој се залага за континуирано унапредување на студиските програми за што ќе се дефинираат критериуми за вреднување на постоечките и предлагање на нови студиски програми, а приоритет ќе биде ставен на хармонизација со европските студиски програми, како и нивна меѓународна акредитација.

За поддршка на кадарот на УКИМ професорот најавува формирање Центар за е-учење. Основна цел на Центарот на стартот би бил промоција и поттикнување на кадарот за користење на информациско-комуникациски алатки во процесот на наставата, со акцент на е-учење, преку организирање на настани и размена на добра практика. Дополнително би се формирал Центар за унапредување на компетенциите на наставниците.

„Најголем дел од активностите зависат од нашата желба за трансформација на УКИМ и немам дилема дека ќе успееме да ги реализираме предвидените активности. Можеби проблем ќе биде одржливоста на резултатите од овие активности, но во текот на мандатниот период нашите напори ќе бидат насочени и кон подобрување на комуникацијата со одговорните во државата со цел конечно да се разбере улогата на високото образование за развојот на општеството, да се смени односот на државата кон високото образование и да се обезбедат средства за реализација на основните дејности на Универзитетот“, вели Ташковски во програмата.

Доколку биде избран за ректор, тој вели дека посебен акцент ќе се стави на обезбедување услови за организирана поддршка во делот на академското и кариерното советување на студентите преку дополнителен развој и зголемување на обемот на услуги на Центарот за кариера. Тој најавува и формирање на Центар за инклузивно образование, поддршка на студентскиот активизам, поддршка и промоција на уметничката продукција на студентите од уметничките факултети, како и развој на стабилен и ефикасен систем за стипендирање и субвенционирање на студентите.


Според роковникот за избор на нов ректор на УКИМ кандидатите ќе се претставуваат по кампусите на Универзитетот од 15 до 26 мај. Гласањето на единиците на УКИМ ќе се одржи на 30 мај од 12 до 14 часот, а резултатите треба да бидат објавени до крајот на денот. Новиот ректор треба да стапи на функцијата на 16 септември, а мандатот ќе му трае три години.

Даниел Евросимоски