Повлечен е Предлог-законот за учебници, од Влада велат дека го враќаат на јавна дискусија

Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование е повлечен, објави на Фејсбук иницијативата „Учебници и настава мора да има“, која побара и референдум за законот кој ја отвора можноста за воведување дигитални учебници. Од иницијативата ова го нарекоа победа, додека истовремено од Владата и Министерството за образование појаснуваат дека не се откажуваат од носење на законот, туку го ставаат на јавна дискусија.

Од Иницијативата посочија дека дописот го добиле од Собранието потпишан од претседателот Талат Џафери, со кој тој ги информира дека Владата го повлекува предложениот закон.

Од Владата и МОН пак појаснуваат дека законот е ставен на јавна дискусија, по што ќе биде повторно вратен во Собрание, без да прецизираат кога е планот тоа да се случи.

„Во таа насока, информираме дека предлогот на Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог и или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно – образовен процес, по што конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собрание“, стои во одговорот на МОН и Влада до Радио МОФ.

Од Министерството за образование и наука истовремено најавија дека продолжуваат со имплементирање на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение.

„Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата., додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија“, велат од МОН од каде појаснуваат дека во постапка е набавката на 10 илјади таблет компјутери, како и на кабинети за природни науки за 265 училишта, кои се за погорните одделенија.

Законот за учебници веќе еднаш беше повлечен од собраниска процедура. Појаснувањето тогаш беше дека се усогласува со европското законодавство, по што беше вратен со европско знаменце.

Со цел да ја спречи дигитализацијата на учебниците, иницијативата „Учебници и настава мора да има“ до Собранието поднесе барање за референдум, со цел граѓаните да се изјаснат дали поддржуваат дигитализација на учебниците и наставните материјали во основното и средното образование.

Собраниските комисии го прифатија предлогот за референдум на иницијативата, откако веќе еднаш беше отфрлена  поради неуредно поднесените 100 потписи.

Печатени дигитални учебници или нови можности – што носи новиот Закон за учебници

Ј.Ј.