Повреден Доналд Трамп по истрели на митинг во Пенсилванија

Поранешниот претседател Доналд Трамп беше повреден по истрелите на почетокот на митингот во Батлер, Пенсилванија, вчеравечер.

Од Тајната служба, како што пренесе Си-Ен-Ен изјавија дека Трамп е безбеден и под заштитни мерки.

Трамп беше преплавен од агенти на сцената на митингот откако се слушнаа истрелите. Тој се фати за увото, а на неговото лице можеше да се види крв. Кратко после тоа, тој, опкружен со агенти, стана и ја крена тупаницата кон толпата, пишува агенцијата Мета.мк.

Портпаролот на Доналд Трамп, Стивен Чеунг, рече дека поранешниот претседател „е добро“.

„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите на редот и на првите што реагираат за нивната брза акција за време на овој грозоморен чин. Тој е добро и е на преглед во локалната медицинска установа. Повеќе детали ќе следат“, се вели во соопштението на Чеунг.

Поранешниот претседател Џорџ В. Буш изјави дека е „благодарен“ што поранешниот претседател Доналд Трамп е безбеден.

„Лора и јас сме благодарни што претседателот Трамп е безбеден по кукавичкиот напад врз неговиот живот. Пофалби до мажите и до жените на Тајната служба за нивната брза реакција“, рече Буш во својата изјава.

Милијардерот Илон Маск по инцидентот објави дека го поддржува поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Целосно го поддржувам претседателот Трамп и се надевам на негово брзо закрепнување“, напиша Маск на Твитер.

Лицето кое пукало на митингот на Доналд Трамп во Пенсилванија е „неутрализиран“, според повеќе извори на истрагата, пренесе Си-Ен-Ен.

Овој инцидент се случи по напорниот ден на изборната кампања и за Трамп и за претседателот Џо Бајден за претседателската трка во ноември годинава.

Од Си-Ен-Ен, анализирајќи го вчерашниот обид за атентат на Трамп, пишува дека фотографијата на Еван Вучи од Асошиејтед прес со Трамп – со крв на увото и образот, носен од сцената од страна агенти на Тајната служба, со крената тупаница и со американско знаме во позадина  веднаш стана икона. Фотографијата дефинира еден стресна политичка ера, без оглед на досега непознатите политички последици од сончевото попладне кое се претвори во кошмар.

Шокантните случувања во саботата додадоа уште еден нестабилен политички елемент на дивата и непредвидлива изборна година во која неодамна Бајден – најстариот претседател во историјата – се бори да ја спаси својата номинација по катастрофалниот дебатен настап и осудата на Трамп (78) и неговите ветувања дека ќе изврши втор мандат на „одмазда“ доколку биде реизбран, анализира Си-Ен-Ен.

Повеќето лидери и политички актери од двете страни од изборната трка брзо испратија молитви до Трамп и повикаа на смиреност.

Бајден, кој помина денови обидувајќи се да ја зајакне својата кампања, сега ја презеде улогата на лидер нацијата, откако дозна за пукањето додека беше на миса во плажата Рехобот, Делавер. Тој прво објави писмена изјава, а потоа се обрати пред нацијата.

„Во Америка нема место за вакво насилство – болно е, болно е. Тоа е една од причините зошто треба да ја обединиме оваа земја. Не можеме да дозволиме тоа да се случи. Не можеме да бидеме вакви. Не можеме да го заборавиме и отфрлиме ова“, рече Бајден.

Тој, исто така, рече дека се обидел да дојде до „Доналд“ по телефон и рече дека поранешниот претседател бил на митинг кој „требало да се спроведе мирно без никаков проблем“. Претседателот, кој подоцна успеа да се поврзе со својот претходник, предвреме го заврши викендот во неговата куќа на плажа и се врати во Вашингтон.

Со оглед на сериозно поларизираната состојба на политиката во Соединетите Американски Држави, првичниот шок од обидот за атентат неизбежно ќе предизвика сериозни политички последици, анализира Си-Ен-Ен.

„Трамп веќе беше сметан за непобедлив херој од неговите поддржувачи и беше третиран со речиси натприродна почит на неговите митинзи. Неговиот имиџ на борец кој постојано е напаѓан од неговите непријатели сега ќе биде уште подлабоко вкоренет. Во првите моменти по пукањето откако беше погоден во пределот на увото, поранешниот претседател се погрижи да создаде иконски момент на пркос – кревајќи ја тупаницата и извикувајќи „борете се, борете се“ кон својата толпа – гледајќи директно во телевизиските камери“, се вели во анализата.

Многу политичари од двете страни на изборната патека веќе жалат поради „жештината на политичката реторика“ – уште еден застрашувачки показател за тоа што може да произведе во нација во која оружјето е толку лесно достапно.

„Останува да се види дали шокот од настаните во саботата, кои можеше да бидат многу полоши, ќе направи промени со цел да се скроти токсичната политичка култура во која Трамп е ентузијастички учесник“, анализира Си-Ен-Ен.

Мета.мк