Повредена е студентка по удар од автомобил на протестите во Белград, возачот се терети за тешко убиство во обид

При оддавање на почит на жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад, на улицата „Рузвелтова“ во Белград, повредена е девојка откако возач на автомобил ја удрил на тротоар и ја носел на покривот од возилото, по што паднала на уличниот коловоз. Возачот побегнал од местото на настанот, пронајден е и се терети за кривично дело тешко убиство во обид, јавува Н1.

На видеото на Н1 се гледа како студентка стои на тротоарот пред семафорите на раскрсницата на улиците „Рузвелт“ и „Квин Мери“, кога возачот на автомобил Форд, возејќи по тротоарот, ја удрил и продолжил да вози. По неколку секунди девојката паднала од покривот на автомобилот на уличниот коловоз. Брзата помош го пренела повреденото девојче во ургентниот центар.

Напомена: Видео содржината може да биде вознемирувачка.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by N1 Srbija (@n1srbija_)

Од Итна помош велат дека девојката доживеала тешка траума, додека од Клиничкиот центар на Србија соопштија дека била примена во свесна состојба, дека зборува и е во стабилна општа состојба. Како што се наведува, поради здобиените повреди во тек е дополнителна дијагностика. Девојката има 20 години, доаѓа од Краљево и е студентка на Правниот факултет во Белград.

Полициски службеници во Град Белград го легитимирале и го пронашле возачот М.П.(38). Се сомнева дека во возилото имало уште две лица, од кои едното малолетно. Полицијата во соработка со обвинителството ги утврдува сите околности и факти за овој настан, велат од Министерство за внатрешни работи во Србија (МУП).

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ соопшти дека осомничениот за газење студентка во улицата „Рузвелтова“ е пронајден во рок од 15 минути од извршувањето на делото и дека се работи за лице кое претходно седум пати било осудувано за разни кривични дела. Вишото јавно обвинителство во Белград го презеде случајот и осомничениот се товари за кривично дело тешко убиство во обид, соопштија оттаму.

Како реакција на ова, голем број граѓани на Краљево се собраа во центарот на тој град за да им дадат поддршка на сите студенти кои ги блокираат факултетите веќе два и пол месеци и да го изразат својот револт поради денешниот насилен настан. Насобраните граѓани велат дека единствен начин на кој сè уште можат да ги заштитат и бранат младите е „со нивните тела“.

Додека, под слоганот „Нема да не газите“, се организираа студентите од Нови Сад кои ја блокираат раскрсницата кај пазарот „Футошка“. Блокирана беше и раскрсницата пред Правниот факултет во Белград, по што студентите се упатија до Врховното јавно обвинителство на улица „Немањина“.

Дополнително, студентот на Правниот факултет Борис Станишиќ изјави дека денеска уште два пати налетале на насобраните студенти и граѓани.

„Прво кога тргнавме од Правниот факултет кон Славија, а потоа кога се симнуваа стражарите од Славија. Двата пати автомобилите налетаа, но за среќа никој не беше повреден“, рече тој.

Движењето „Крени-Промени“, пак, поднесе кривична пријава против претседателот на Србија, Александар Вучиќ за поттикнување насилство.