Веќе е солидна инфраструктурата и поврзаноста меѓу Министерството за образование и наука и училиштата и другите институции во секторот образование. Прибираат податоци во електронскиот дневник и ЕМИС/ЕСАРУ системите. Сепак, затоа што е ова динамична категорија, потребно и е постојано вложување и надградување, односно мора да се има на ум дека се посложените системи во иднина ќе бараат и подобри интернет врски. Ова е ставот на одговорните во Центарот за управување со промени (ЦУП), кои изминатиов период работеа на дигитализација во образованието, односно на системот за пријавување за стипендии, за студентски оброк, потоа на системот за пријавување за упис во прво одделение, како и на системот за пријавување во средно училиште, пишува Мета.мк.
„Сите услуги чија изработка ја поддржа ЦУП се покажаа како корисни според искуствата на институциите и на корисниците. На пример, услугата за упис на ученици во средно образование се покажа како корисна и тоа за сите корисници – ученици, комисии (училишта) и МОН. Учениците имаа можност неколку денови однапред да ги пополнат податоците (кои автоматски им се зачувуваат) пред апликацијата да ј испратат како финална. Училиштата добиваат автоматски генерирани ранг листи, исто и МОН. Ова претходно било огромна работа за комисиите за упис, сега процесот се поедноставува и тие само го верификуваат тоа што е направено“, вели Искра Белчева-Ристовска од ЦУП.
Сепак, ова е првична фаза на електронскиот упис, а веќе во следната фаза, МОН планира поинтегрирана услуга, можеби со потврда на просекот на успех директно од е-дневник.
„Но, за ова ќе бидат потребни дополнителни активности во МОН. Електронските услуги за доделување стипендии и надомест за студентски оброк го скратија времето на обработка и селекција на минимално потребно време бидејќи критерумите се комплетно објективни и системот прави автоматска претселекција. Работата на комисиите е да ја верификува и потврди оваа селекција“, додава Белчева-Ристовска.
Дали имаме добра основа, односно добра ИТ инфраструктура за дигиталните услуги во образованието функционираат како што треба? Важно за изработка на електронските услуги беше да има комуникација на ИТ тимот со МОН (а за услугата упис во средно и комуникација со средните училишта) за да се добие комплетна и сеопфатна услуга, сметаат во Центарот за управување со промени.
„Процесот на комуникација при мапирањето на услугата беше активен од страна на сите учесници што придонесе услугата да биде направена соодветно. Реалниот процес за уписи течеше исто така во најдобар ред што беше показател дека инфраструктурата е добра. Добра опременост е потребна само кај МОН, а во училиштата во помала мерка. За корисниците беше потребно да имаат само пристап до интернет преку паметен уред за да го пополнат формуларот и да ги закачат сликите од сведителствата, па немаше поплаки, ниту значителни проблеми“, велат оттаму.
Во ЦУП информираат дека некои средни училишта биле отворени за помош на децата кои немале минимум технички услови за пријавување.
„Немаше проблеми ниту при користењето на услугите за добивање надомест за студентски оброк и стипендии од аспект на поставената инфраструктура во МОН“, додаваат оттаму.
На прашањето, дали дигиталните услуги овозможуваат поголема безбедност на граѓаните во однос на заштитата на нивните податоци и дали со дигиталните услуги за граѓаните, се сведува на минимум можноста од злоупотреби, од ЦУП добивме одговор дека со сите наведени електронски услуги, податоците на граѓаните се заштитени со Законот за заштита на лични податоци.
„Со оглед на тоа дека институции на државата располагаат со истите податоци, истите тие врз основа на законот ја гарантираат нивната заштита. Се повеќе е-услуги се врзани со централна електронска база во која се содржани основни податоци за граѓаните – Централниот регистар на население (ЦРН), каде личните податоци се заштитени според европските стандарди. Изработените електронски системи и услуги се креирани за поедноставување на процесите и во насока на транспарентност и минимизирање на човечкиот фактор за да се намалат надворешни влијанија, мислејќи и на ненамерни грешки и на злоупотреби“, велат оттаму.
Сите електронски процеси даваат преглед на тоа кој работел во системот, кои промени ги направил, па оттука се смета дека и ваквата свест кај оние кои работат во системот нема да им дозволи да го злоупотребат. Во ЦРН секој граѓанин може да види која институција пристапила до неговите податоци. Дигитализацијата на услугите се користи за да гарантира транспарентни и фер процеси.
„Последниот пример на со уписот на ученици во средни школи покажа извонредна трансперентност преку објава на списоците и ранг-листите во реално време додека се вршеше бодувањето. За оваа услуга податоци за учениците се влечеа од е-дневник, каде секако се содржани лични податоци на учениците и нивната безбедност е исто така заштитени со наведениот закон“, велат во ЦУП.
Мета неодмна пишуваше дека дигитализацијата е возможна мисија само ако се гради на здрава основа. Организацијата Младински образовен форум, е на став дека, квалитетната ИТ основа е приоритет и дека иако образовниот систем на С. Македонија многу доцни со воведување на електронски услуги, не треба да се избрза процесот само поради таа причина, без притоа да има добра основа, односно сервери кои нема да паѓаат или да бидат подложни на хакерски напади.
Извор: Мета.мк