Во скопскиот клуб „Џези“ (Jazzy) утре (петок, 12 април) од 21 часот ќе се одржи уште еден музички настан од серијалот „Џез за чудаци“, овој пат со Филип Букршлиев на гитара и Дориан Јовановиќ на стик, бас, ут.
„Музика за тие што пред влез оставаат храна за локалните мачки и тргнуваат во темелна потрага после секое известување за загубено милениче што ќе го забележат залепено на бандера или на поштенско сандаче; се однесуваат како побеснети ракуни секогаш кога ќе чујат милозвучна, логична и школски функционална хармонија и доволно добро ја познаваат етимологијата на терминот џез за да бидат ужаснати од помислата за институционализиран ејакулат; не поседуваат условен рефлекс кој ги тера да се лигават кога ќе го чујат ѕвончето од министерство за култура и највкусно им е кога теглите зимница во подрум ги обвиткуваат со страниците од популарните книги за самопомош; идеалниот психо-физички баланс го постигнуваат преку умешноста за носење на папуча на боса нога и омилена активност за разбибрига им е да го замислуваат Аца Лукас како врвен концертен пијанист; никогаш со светлата не им сигнализираат на возачите во спротивниот правец дека зад кривината чека полициско возило и секогаш, ама баш секогаш, во маркет ја враќаат кошничката на место за да може да ја користи некој друг…“, стои во најавата.