Вулкан еруптираше во близина на рибарскиот град Гриндавик во југозападен Исланд, исфрлајќи „фонтани“ од стопена карпа и тоа помалку од еден месец по уште една ерупција во истата област, пренесува агенцијата Мета.
Последната ерупција започна рано утрово, неколку часа откако властите предупредија за неизбежниот настан и го евакуираа градот по сеизмичката активност во саботата.
Службите започнале изградба на бариери од земја и карпи за да се спречи лавата да стигне до Гриндавик, иако, како што пишуваат медиумите, се чини дека обидите не успеале.
Исландската метеоролошка служба соопшти дека, според првите снимки од надзорниот лет на крајбрежната стража, се отворила пукнатина од двете страни на одбраната што почнала да се гради северно од градот.
„Лавата сега тече кон Гриндавик. Врз основа на мерењата од хеликоптерот на крајбрежната стража, периметарот сега е на околу 450 метри од најсеверните куќи во градот“, соопшти службата.
A new eruption started in Iceland at 07:58 AM this morning. I shot this from my bedroom window 🌋 pic.twitter.com/6UkqXl7RUP
— Hörður Kristleifsson (@h0rdur) January 14, 2024
Исландскиот претседател Гудни Јоханесон на социјалната мрежа „Х“ напиша дека ниту еден живот не е во опасност, иако инфраструктурата може да биде загрозена.
Исландската агенција за цивилна заштита денеска соопшти дека го подигнала нивото на тревога на „вонредна состојба“ – највисокото ниво на нејзината скала, што укажува дека започнал настан што може да предизвика штета за луѓето, имотот, заедниците или за животната средина.
Ова е петта ерупција на полуостровот Рејкјанес во Исланд од 2021 година.