Околу 4.000 ученици кои од различни причини не полагале во првите две испитни сесии во јуни, односно чии приговори биле прифатени од Државниот испитен центар, на 16-ти и на 19-ти овој месец ќе полагаат екстерни тестови, пренесува Нова Македонија.
Од Министерството за образование и наука информираат дека веќе ги доставиле распоредите по предмети по училиштата и дека секој ученик веќе знае кој предмет ќе го полага.
„Со завршувањето на августовската сесија ќе се знае дали ќе има ученици што ќе го испуштат и ова полагање. За нив не е исклучена можноста да се организира уште една вонредна сесија. Отсуство е оправдано само со лекарска потврда. Наша цел е никој да не биде оштетен“, вели Давор Политов, портпарол во Министерството во изјава за дневниот весник.
Според него, откако ќе се заокружи целиот процес, ќе има детални анализи по кои ќе се знае кои наставници ќе бидат казнети а кои наградени за објективноста во оценувањето на учениците.
Минатиот месец Младинскиот образовен форум соопшти дека над дваесет и пет илјади граѓани ја потпишале петицијата со која од надлежните институции се бара екстерното тестирање заради многуте технички проблеми, годинава да се прогласи за пробно. Сепак, иницијатива не наиде на поддршка кај институциите.