Проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување (Мрежа ЈЕС)“ денес го прослави повторното отворање на Работен клуб во Центарот за вработување на град Скопје.
Ова е еден од седумте работни клубови коишто УСАИД ги реновира и опреми во општини ширум Македонија. УСАИД обезбеди нов мебел, компјутерска опрема, книги и други материјали во вредност од 5.000 долари за секој работен клуб.
„Постои голем јаз помеѓу вештините коишто работниците ги имаат и вештините коишто се потребни на пазарот на труд. Доколку сакаме ефективно да ја намалиме стапката на невработеност во Македонија, јасно е дека исто така мораме да го намалиме тој јаз“, рече Директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн.
Главната цел на Работниот клуб е да им помогне на невработените пријавени во АВРМ да ги стекнат потребните вештини за успешно наоѓање на вработување на пазарот на трудот во Македонија кој брзо се менува. Неговите ресурси и услуги ќе им помогнат на невработените да дознаат за разни кариерни можности и за тоа како тие соодветствуваат со нивните лични вештини, способности и знаења и ќе ги одведат до соодветни кариери и значајно вработување.
Во текот на следната година, Проектот Мрежа ЈЕС на УСАИД ќе продолжи да поддржува реновирање и обезбедување на нова опрема за работните клубови во други општини.