Кровот на Драмскиот театар во Скопје прокисна за време на вчерашниот дожд, а поради проблемот синоќешната претстава „Мојот маж“ беше одложена.
Од театарот преку социјалните мрежи известија дека е небезбедно да се изведуваат претстави додека проблемот не биде саниран.
„Поради протекувањето на кровот над сцената и проток на вода во близина на струјните кола кои се наоѓаат во овој дел од театарот проценивме дека е небезбедно да се изведуваат претстави додека истото не се санира. Водата може да предизвика сериозни проблеми, пожар, струен удар и слично, за што мора да консултираме експерти кои би дале дозвола за понатамошна работа“, соопштија од Драмски.
Од Театарот додаваат и дека овој проблем не можат да го санираат сами.
„И покрај нашите планови да ги вратиме на репертоарот претставите кои не беа изведувани поради кризата со пандемијата, и навистина големиот напор на актерите и вработените во Драмски театар во многу кратки рокови да ги вратат претставите на сцената, за жал техничкиот проблем не можеме да го санираме со сопствени сили. Се надеваме дека ова во еден догледен рок ќе се санира и ќе можеме да продолжиме со нашите предвидени активности“, посочуваат.
Проблемот со прокиснување на Драмскиот театар во Скопје не е нов. Истото се случи и пред три години, кога беа поплавени просториите во институцијата пред самиот почеток на претстава.
Тогаш Министерството за култура издвои 54 илјади евра за санација на најоштетените делови од кровот на театарот.