Камион денеска повторно пропадна на централниот скопски плоштад „Македонија“ во делот каде се наоѓа партерната фонтана.
Според Град Скопје, камионот без дозвола неовластено влегол на плоштадот, по што е причинета штета на плочникот.
„Градот Скопје остро го осудува овој чин, ќе ги преземе сите законски мерки за извршување на инспекциски надзор како и за санкционирање, по што за причинетата штета врз јавните добра на плоштадот ќе се бара надомест на штета. Ваквото однесување од страна на поединци е недозволиво и за истото ќе се спроведат најстроги санкции“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Инаку, при чистење на површината, специјализирано комбе-чистач во 2016 година за прв пат пропадна во тогаш реконструираниот плоштад, меѓу „Воинот на коњ“ и Камениот мост, каде претходно беше промовирана т.н. „сува фонтана“ со 128 прскалки. Ваквата летна атракција чинеше 2.5 милиони евра и беше дел од новитетите на „Скопје 2014“.
Потоа во јуни 2017, пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на „Вардар“ по освоената титула европски прваци. Се работеше за камион сопственост на МВР, предвиден за просторот пред и околу бината. Град Скопје тогаш реагираше на јавните осуди, тврдејќи дека се работи за површинска фонтана градена според сите стандарди, со вкопано армирано-бетонско корито.
Машина за чистење пропадна на локацијата и лани во март. Машината се преврте и направи огромна дупка на плочникот, а минатата градска власт велеше дека случајот е резултат на неквалитетна градба.