Во видно помал број, граѓани попладнево се собраа пред Владата да го искажат револтот поради поскапената струја. Булеварот пред Владата беше блокиран и од активистите на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) кои дојдоа со автомобили.
Според Марјан Ристески, претседателот на синдикатот, малиот одзив на граѓани се должи на тоа што минатата недела започнале одредени разговори со пратеничките групи во парламентот.
„Големи сметки, стари сметки пред 20 години, оптоварени со нотари, извршители… ова е неиздржливо. Ни кажуваат, саатите ги менуваат по зградите, никој не знае кога ги менуваат, зошто ги менуваат. Очигледно има некоја игра од страна на ЕВН, меѓутоа, мислам дека конечно ќе им се стави крај на овој грабеж што го прават неколку години наназад со електричната енергија.“, изјави Ристески.
Синдикалецот посочува дека има граѓани кои во текот на зимата плаќаат сметки во висина од 14, 15 илјади денари, посочувајќи дека тоа е во висина на минималната плата во државава.
„Нека ми објасни некој дека во Германија ако е 1.500 евра или во Словенија 1.000 евра минимална плата, нека покажат сметка од Словенија дека 1.000 евра плаќаат за струја. Тоа го нема никаде. Не може да се тврди дека електричната енергија е мала кога аргументите, сите факти покажуваат дека енормно скапа електрична енергија плаќаме во државата“, додаде Ристески.
Тој децидно вели дека продолжуваат понатаму, нагласувајќи дека во вторник повторно се закажани разговори со пратенички групи во парламентот.
„Имавме разговори со Демократската унија за интеграции и Алијанса за Албанците, сега очекуваме разговори што требаше претходната недела, со СДСМ, се надевам буквално, со ВМРО, со сите пратенички групи да оствариме и конечно да изнајдеме заедничко решение. Во вторник, најверојатно, повторно ќе имаме средба со ДУИ, СДСМ… ние сме спремни, кој кога сака да не повикаат“, потенцираше Ристески.
Протестот во Скопје континуирано се одржува веќе два месеци, а граѓани изминатиот период протестираа во повеќе македонски градови. Во меѓувреме, одлуката на Регулаторната комисија за енергетика наиде на негодувања на социјалните мрежи, каде се прошири и петицијата на иницијативата „Млади за Македонија“ која ја потпишаа над 8.300 граѓани.
М.К.