Пожар во хемиска фабрика во Индија – починати најмалку тројца, повредени 13 лица

Во масовен пожар што започна во хемиска фабрика во западна Индија и се проширил на шест други фабрики загинаа најмалку тројца работници, а се повредени 13 лица, објави полицијата.

Полицискиот службеник Манџунат Шинг изјави дека телата биле пронајдени утрото, неколку часа откако избувнал пожарот во фабриката во областа Палгхар во државата Махараштра.

Пожарот бил предизвикан од експлозија на котел, но причината за експлозијата се уште не е позната.

Големата експлозија се слушнала на неколку километри растојание околу полноќ, по што многумина избегале од своите домови во паника, објавија индиските медиуми. Тие информираат дека неколку котли со хемикалии експлодирале во фабриката.

Пожарот се проширил на шест други фабрики пред пожарникарите да го стават во контрола, соопшти полицијата.

Се уште не е јасно дали жртвите биле во фабриката кога започнал пожарот. Тринаесетте лица што се повредени, од кои тројца од нив во критична состојба, се хоспитализирани.

Фабриката се наоѓа на околу 110 километри северно од Мумбаи, главниот град на државата.

Пожарите во индиските фабрики се вообичаени бидејќи многумина не ги следат безбедносните закони, а во некои недостасува противпожарна опрема.