Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во моментов во Македонија активни се три пожари на истокот од земјава.
Најголемиот пожар е на подрачјето на воениот полигон Криволак, каде според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во гасењето учествуваат еден армиски и еден полициски хеликоптер. Тој преку социјалните мрежи информираше и дека воените магацини на оваа локација се дополнително осигурени и се целосно безбедни,
Вториот пожар избил во атарот на селото Калуѓерница, во близина на магистралниот пат Радовиш – Струмица, каде гори дабова шума. Ангелов вели дека поради брзата интервенција на локалните противпожарни сили, овој пожар е ставен под контрола.
Вчера гореше и во атарот на селото Требечино, во Општина Василево. Преку ноќта овој трет пожар во земјава го намалил интензитетот и во моментов, според Ангелов, нема видлив активен оган. Сепак, тој додава дека доколку се разгори, дополнително ќе биде донесена одлука за евентуално гаснење од воздух поради непристапноста на теренот.
Од ЦУК напоменуваат дека во состојба на подготвеност за дејство е и Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување.