Пожарот изгаснат, прашањата распламтеа, што се случува во „Гоце Делчев“?

Мирис на чад се уште се шири во студентскиот дом „Гоце Делчев“, откако во вчерашниот пожар целосно изгоре една соба на приземјето, а осум беа оштетени. Цел ден се расчистуваа остатоците. Дел од студентите денеска си ги спакуваа куферите,  загрижени за состојбата во која се наоѓа објектот, сведочат станарите од домот за Радио МОФ. Од Управата на Државниот Студентски Центар, освен штурото соопштение за вчерашната случка, засега не даваат одговор за состојбите во домот. Директорката Даниела Темелкова останува недостапна за новинарските прашања.

Пожарот изгаснат, прашањата распламтеа, што се случува во „Гоце Делчев“?

Од Студентскиот парламент на УКИМ велат дека направиле првична проценка на штетата. Собитесе во очајна состојба, а неколку студенти во пожарот изгубиле се што имале. Изгореле и парите за билетот во САД на студентката од Кавадарци во чија соба изби пожарот. Таа планирала да си замине од земјава ова лето, раскажуваат студентите. Синоќа по пожарот сите биле сместени во една просторија, а денеска дел од оние на кои им изгореа собите го напуштиле домот.

Со цел да им се помогне на најпогодените студенти,  преку хуманитарни акции организирани од колегите ќе се собираат пари за купување на основни работи, појасни претседателот на СПУКМ Кирил Спироски. Од раководството на домот добиле ветување дека до понеделник ќе биде решен проблемот со нивното сместување. Ветување е дадено и за комплетна реконструкција на блокот Б од „Гоце Делчев“, кој важи за еден од најзапуштените студентски домови во земјава.

Izjava Kiril Spiroski by Radio Mof on Mixcloud

Вчерашниот пожар дополнително го отвори прашањето, колку се безбедни и во какви услови и живеат македонските студенти. Во неколку наврати Радио МОФ информираше за катастрофалната состојба во домот „Гоце Делчев“. И тогаш надлежните останаа недостапни за одговор.

Пожарот изгаснат, прашањата распламтеа, што се случува во „Гоце Делчев“?

Според првичните информации, причина за избувнувањето на пожарот била неисправна електрична греалка, која студентката од уништената соба ја користела за нејзино загревање. Студентите, пак, се сомневаат дека проблемот настанал поради дотраената електрична инсталација. Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е изграден по земјотресот и оттогаш, реновирана е само читалната. Во овој објект се сместени околу 1200 студенти, а најголемиот дел од нив едвај чекаат да завршат со студиите за да си заминат од домот.

Ј.Ј.