Пожарот на Галичица е небезбеден за гасење, на територијата има експлозиви

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, претпладнево реагираше за пожарот кој моментално ја зафаќа планината Галичица.

„Галичица гори, баба се чешла. Буквално. Пожарот ја зафати и шумата на Галичица, има и ветар, а надлежните ги нема. Чекаат дожд или за викенд не работат. Само да напоменеме Галичица поради огромната биоразновидност е дел од светското природно наследство на УНЕСКО. Секоја тревка изгорена е голема загуба. Фотографијата е направена утрово во 11 часот од Љубаништа“, напишаа од „Охрид СОС“.

Фотографија: Охрид СОС

Попладнево, Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, истакна дека пожарот на планината кој гори веќе една недела е непријатен и небезбеден бидејќи на територијата на пожарот има  експлозивни средства.

„Овој пожар е познат по една непријатна работа, а тоа е големиот број на експлозивни средства и направи, гранати, куршуми и разни други експлозивни средства кои што се наоѓаат и по самиот срт од каде што започна пожарот и истите се протегаат до подножјето на самата шума. Ова е четврти пожар на истото ова подрачје во последните 10-15 години. При секој пожар од местото каде што гори се слуша детонации, експлозии, истрели од куршуми. Палењето на тревата создава температура која што ги активира овие експлозивни средства“, истакна Ангелов.

Тој дополни дека во текот на денешниот ден слушнати се три експлозии, па пожарот не е безбеден за движење на пешадија, ниту за летање на хеликоптер.

„Од страна на Главниот штаб за управување со кризи, веднаш по појавата на овој пожар беше разгледана можноста да се ангажира хеликоптер за гаснење од воздух, но заклучокот беше дека е ризично зошто леталото доаѓа на дваесетина метри до земјата, со што хеликоптерот би бил загрозен и тоа претставува ризик. Претставници на Националниот парк „Галичица“ се обиделе странично да го совладаат пожарот но се појавил феномен, каде пожарот повторно се распламтува“, изјави Ангелов.

Тој информираше дека стратегијата на Главниот штаб е чекање пожарот да се спушти до шумата, па со цистерни да се навлезе низ шумските патишта, бидејќи тие се безбедни од експлозиви, при што пожарот ќе биде пресретнат.

И.С.