Пожарот во градската средина во Кочани околу куќите кој избувна попладнево е локализиран, меѓутоа сега се шири кон друго населено место, објаснува градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев за Радио МОФ, додавајќи дека пожарот е под целосна контрола, иако се уште има места каде тој гори.
„Тука се сите возила, и како што реков пристигнуваат и нови возила, и верувам дека за неколку часа ќе имаме целосна контрола“, посочи Илијев.
Според информациите кои ги има досега, изгорени се кровови на најмалку две куќи, додека нема информации за повредени лица.
„Со сите сум стапил во контакт, со сите разговаравме, за жал во ист момент во нашата држава беснеат многу пожари и за жал и нашите соседи не можеа да ни помогнат, да ни пуштат. И од тие причини навистина не можеше да ни помогнат. И останавме сами, со возилата што ги имаме“, рече Илијев.
„Се јави и ни пушти возила на помош градоначалникот на Град Скопје, Шилегов, огромна благодарност. Со директорот на ЦУК кој навистина нон-стоп сме во комуникација, за жал овој пат не можеше да ни помогне со воздухоплови, меѓутоа како што реков, сите се со нас. Од Велес ни пуштија возила, од Кавадарци… сега полека се движат од сите страни возила и верувам дека ноќта за Кочани и кочанчани ќе биде долга, меѓутоа сите заедно и оваа стихија ќе ја победиме и како и секогаш до сега, граѓаните на Општина Кочани и заедно со сите наши пријатели ќе бидеме победници“, истакна тој.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски посочија дека е одобрена и употреба на воздухопловите кои наутро треба да одат на помош во градот.
Преку неговата Фејсбук страница пак, Пендаровски објасни дека единствената причина заради која хеликоптерите на Армијата ќе се вклучат во раните утрински часови за гаснење на пожарите е поради немањето техничка можност тие да летаат во ноќни услови.
Дополнително, од кабинетот на претседателот посочија дека тој издал наредба во 16 часот и 30 минути за ангажирање на Армијата со целосен капацитет.
„Во текот на денот беа ангажирани околу 170 припадници на Армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, велат од кабинетот на претседателот.
Премиерот Зоран Заев пак, во изјава за телевизија „21“ изјави дека доколку е потребно, од сабајле ќе помогнат и соседните земји.
Дирекцијата за заштита и спасување претходно упати апел до сите граѓани да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат дирекцијата за пожари на територијата на земјата.
[Видео] Шумски пожар над Кочани се шири кон градот – зафатени и неколку куќи
М.К.