„Затворив прозор за да проветрам дома“ се честите иронични коментари што се шират по социјалните мрежи откако вчера повторно, по којзнае кој пат, гореше некогашната депонија Вардариште, една од еколошките бомби на Скопје.
Граѓани од Гази Баба, Лисиче, Аеродром и воопшто целиот град велат дека во време на летни горештини се гушат со токсични гасови и смрдеа на изгорена гума, пластика и отпад што веќе со години гори од Вардариште.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека една третина од вчерашните пожари на отворено биле на повик за гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шири огнот и на поголем простор во околината.
„Вчерашен пример, од сношти, е хроничниот проблем со палење на дивата депонија Вардаришт во скопската Општина Гази Баба, за што граѓаните кои гравитираат во тој скопски реон, со право реагираат дека многу често се пали и освен што опасност за пожари во околината, дополнително го загадува и воздухот во скопската котлина. ЦУК, покрај тоа што редовно ги известува надлежните служби и институции, апелира до граѓаните да не палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и сува вегетација во природата“, стои во соопштението на ЦУК.
За оваа црна точка, уште во 2014 година по нарачка на Град Скопје е направена Физибилити студија каде е утврдено дека Вардариште е „богата“ со тешки метали. Исто така, е локација каде може да се создаваат токсичните диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите уште тогаш апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.
„На депониите со највисок ризик треба да и се изврши ремедијација или да бидат затворени, веднаш поради директното загадување на површинските води. Потребно е стабилизирање на косините, стабилизација и препокривање на депонијата, земајќи ги во предвид близината на населените места и индустриите“, се вели во „Физибилити студија за санација на поранешна градска депонија“, изготвена од Градежен институт, во соработка со ангажирани инженери, геолози, шумари, архитекти, биохемичари…
Според изготвувачите на Студијата, депонијата, што повеќе од две децении е официјално затворена, а сепак е отворена за влез на отпад, спаѓа во Класа III. Таа се наоѓа на левиот брег на реката Вардар, непосредно јужно од индустрискиот комплекс на „Металски Завод Тито“, на околу 7 километри низводно од центарот на градот.
Истражувачите утврдиле дека ова подрачје е во ранг на потенцијални наоѓалишта на подземни води, со добри квантитативни карактеристики (од еден бунар и преку 30 литри/секунда), но од друга страна со многу нарушен квалитет, заради присуството на Вардариште на овој терен. На депонијата своевремено имало систем на бунари, пумпи, пиезометри и дупнатини кои биле во функција до 1998 година.
„Во исцедокот, односно подземните отпадни води кои се анализирани се присутни и тешки метали, главно никел и хром преку дозволените количини прифатени за животната средина. Нивна појава може да се очекува и во иднина, бидејќи асорпционите својства на материјалот се такви, што не може да ги задржи врзаните метални јони. Досега, во водите не се присутни феноли, но во зависност од природата на отпадот, или присуство на органски материи, може да се очекува и нивното присуство како резултат на деградацијата на лигниски материјали од депонијата“, се вели во Студијата.
Анализите на подземна вода и добиените резултати од соодветни концентрации на загадувачи и вредности на други параметри укажуваат на високо загадена и контаминирана средина.
Испитувањето на депониските гасови се вршени од акредитирана лабораторија од српскиот Институт МОЛ од Стара Пазова. Иако анализата вели дека не се работи за опасен отпад, сепак, потенцирано е дека „високата содржина на органски материјали и масла укажуваат на долгорочна продукција на одредени соединенија во гасна фаза, пред се’ метан и водороден сулфид, што може да доведе до палење, експлозија и понатамошни емисии на токсични гасови“.
Во однос на цврстиот комунален отпад, тој се состои главно од вода, разни елементи (јаглерод, водород, кислород, хлор и азот), и огноотпорен материјал (стакло, керамика, метали, минерали, глина и нечистотија).
„Покрај тоа, присутни се различни метали во трагови и органски соединенија. Посебно е важно присуството на хлор, бидејќи може да биде вклучен во формирање на диоксини и други хлорирани соединенија. Главни извори на хлор во цврстиот комунален отпад се хартија и пластика“, стои во студијата.
За диоксините, пензионираниот професор Трајче Стафилов од Институтот по хемија при ПМФ на повеќе пати нагласуваше дека се најтоксични органски супстанци. Се таложат во масните ткива кога ќе влезат во човечкото тело. Може да се пренесат од мајка на доенче. Дури и во минорни концентрации во водите може да предизвикаат нарушување на синџирот на исхрана.
„Јас го правев инвентарот за УНЕП (Програма на ОН за животна средина). Ние сме водечки поради горењето на депониите. Факторот на емисија на овие супстанции е ужасно голем. Ние емитираме на 2 милиони народ околу 100 грама диоксини и фурани, што по број на жители е најмногу во Европа“, предупреди на повеќе пати реномираниот професор Стафилов, алармирајќи дека депониите се места каде често се создаваат диоксини, а Македонија нема државен систем за нивен мониторинг.
За Вардариште, резултатите од 2014 покажуваат дека покрај комунален отпад е складиран и индустриски отпад. Тоа потврдува и релативно високата концентрација на хром кој потекнува од индустријата за преработка на кожа, или од индустрија за површинска заштита на метали.
„Присуство на индустриски отпад укажува и присуството останати метали – цинк, никел, манган, железо. Појавата на олово е последица на депонирање на индустриски отпад од акумулатори и останат отпад кој содржи олово“, утврдиле истражувачите.
Од друга страна, со примероците од процедена подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови заклучуваат дека депонијата е во метанска стабилна фаза, односно четврта фаза.
Истражувачите дале и предлози како да се изврши процесот на санација, со припремни земјени работи со кои теренот ќе се доведе до состојба на затварање на депонијата. Предлози има и за можна употреба на ремедијациони техники, како еден вид на санирање на депонијата во иднина.
„Проблемот со гасовите се разрешува со евакуација на истите преку инсталирани перфорирани челични или бетонски цевки кои се поставуваат вертикално и/или хоризонтално, почнувајќи од подлогата на депонијата, и тоа во систем на мрежа по целата површина на растојаниот од 20 до 30 метри на една од друга. Образуваните гасови наменски се користат за добивање електрична и топлотна енергија преку вградување на соодветни системи“, стои во Студијата.
Според наведените позиции кои претставуваат составен дел од Проектот-Санирање на старата градска депонија (санација, ремедијација и нејзино доведување во корисна површина за спортско-рекреативни цели), изготвен е гантограм од динамиката на работите, па за реализација на еден ваков комплексен проект се предвидени 26 месеци.
Сепак, десет години по Студијата, Вардариште се’ уште чека нов живот. Меѓувремено граѓаните од изминатите градоначалници на Скопје се изнаслушаа како целиот тој дел ќе биде исчистен, претворен во зеленило, други споменуваа и некаква дислокација, трети дека ќе биде изграден и мега парк.
Последното ветување беше на стартот на годинава, кога од Град Скопје рекоа дека „започнуваме со целосно чистење и санација на градската депонија Вардариште, за прв пат по 60 години“.
Град Скопје: Отпочнуваме со целосно чистење и санација на старата градска депонија Вардариште
Со варијантата со која би се задржале далноводите на својата местоположба, градските власти посочија дека се прави заштитен појас од 12 метри лево и десно, по што најавија дека ќе следи изградба на спортски игралишта, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило.
На северозападната страна, како што соопштија, планирани се дополнителни спортски содржини и терени, за централниот и североисточниот дел расад на рози, а за јужната страна изградба на парк на 60 илјади метри квадратни.
„Со заедничка активност на Градот Скопје и јавните претпријатија Комунална хигиена Скопје, Улици и патишта, Паркови и зеленило и сите расположливи ресурси на градот, ставаме крај на оваа депонија. На местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини и терени како и нов мега парк. Оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните градот Скопје ќе ја претвори во локација за спорт и рекреација која ќе влијае позитивно на здравјето на граѓаните и ќе го подобри квалитетот на живот“, рекоа од Град Скопје во јануари годинава.
Бојан Шашевски