Во рамки на активностите за одбележување на Светскиот ден против СИДА – 1 декември, Заедно посилни – групата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија, во соработка со истакнати јавни личности, организира дебата со видео проекција насловена „Позитивни разговори“ што ќе се одржи во утре во Младинскиот културен центар во Скопје со почеток во 20:00 часот. Влезот за овој настан ќе биде слободен.
Целта на настанот е да информира, едуцира, а пред сè да поттикне поголема дискусија во јавноста, особено меѓу младите, за вистините и заблудите околу ХИВ–инфекцијата; за животот на луѓето со ХИВ; за предрасудите, дискриминацијата и тешкотиите со кои тие се соочуваат во секојдневниот живот, пристапот до современ третман со лекови и околу тоа како сите овие проблеми и предизвици да се надминат.
Свој придонес за подигнување на јавната свест за животот на луѓето со ХИВ во Македонија, ќе дадат познатите јавни личности: поп-пејачката Кристина Арнаудова, телевизиската новинарка Живкица Каленикова, радио водителот Петар Ѓошев, како и г-ѓа Румена Крастовска, социјален работник и д-р Милена Стевановиќ, кои со учество на јавната дебата ќе се обидат да поттикнат поширок национален одговор и конкретна акција во надминување на предрасудите кон луѓето што живеат со ХИВ во земјава и постигнување на соодветни услови за нивен достоинствен живот.
Вистини за ХИВ – инфекцијата:
• ХИВ им се случува на луѓе поради тоа што прават човечки работи.
• ХИВ-инфекцијата може да се менаџира со помош на антиретровирусна терапија.
• Луѓето со ХИВ можат да живеат нормален и долг живот доколку редовно ја примаат својата терапија и можат да прават сè што правеле и пред да ја стекнат ХИВ-инфекцијата: да работат, да спортуваат, да водат љубов, дури и да станат родители на здрави деца.
• Луѓето со ХИВ не се опасност за својата околина, бидејќи ХИВ не може да се пренесе преку обични секојдневни контакти.
• Луѓето со ХИВ можат да имаат интимна врска и сексуални односи без опасност за нивниот партнер, доколку се користи кондом при односот. Одговорноста за користењето заштита е лична и партнерите во сексуалните односи ја носат подеднакво.