Позитивните на брзите Ковид-19 тестови од аптеките надвор од системот – оставени на својата совест

Граѓаните кои добиле позитивен резултат на брзите тестови за коронавирус кои се купуваат во аптеките, доколку не направат ПЦР тест или брз тест преку сертифицираните лаборатории низ државата, нема начин како да добијат решение за изолација. Со ова тие се практично оставени на својата совест да се изолираат за да не го шират вирусот. Од Министерството за здравство велат дека е потребно дополнително да се потврди резултатот во сертифицираните лаборатории, но граѓани се жалат дека нема доволно термини за тестирање.

Брзите или рапид тестови од аптеките чинат неколку стотина денари, а граѓаните ги купуваат со цел побрзо да дознаат дали го имаат вирусот.

Позитивен резултат на ваков брз тест добила и една 24-годишна девојка од Охрид. Причина за во вторникот да провери дали го има вирусот, бил контакт со пријател кој веќе бил позитивен, со цел побрзо да дознае дали е позитивна, за да знае дали да се изолира и да преземе мерки.

„Купив тест од аптека кој го платив 320 денари од некој кинески производител. Беше многу брзо, за 15 минути добив резултат. Не беше ништо страшно. Ми покажа дека сум позитивна, со тоа што се слушнав со докторката за да знам што да направам, да ми закажат термин во ‘јавно здравје’ за да можам да имам сертификат фактички дека сум ја прележала болеста. Затоа што инаку нема да можам да се вакцинирам после тоа некое време, итн..“, објаснува таа.

Со цел и официјално да го потврди ваквиот резултат во државните лаборатории, девојката стапила во контакт со нејзиниот матичен лекар, кој и посочил дека слободен термин има дури во понеделник, односно 6 дена од позитивниот тест.

По ваквата ситуација, охриѓанката прави брз антигенски тест на охридскиот аеродром кој чинел 1.500 денари, каде што се тестираат патниците кои треба некаде да патуваат. Резултатот е позитивен повторно. Но, во меѓувреме, од докторка во охридската болница добила информација дека ако сака побрзо да направи тест, тоа може да го стори и во болницата, ама само на приватно, за 1.900 денари.

Пред две недели, симптоми забележал и 26-годишник, исто така од Охрид. Бидејќи не бил осигурен во Фондот за здравство, а во меѓувреме системот не работел, и тој решава да се тестира со брз тест од аптека.

„Матичната не можеше да ме прати на тестирање, туку требаше приватно да одам, да платам јас за да се тестирам. И реков – да купам тест од аптека“, вели тој.

Тестот кој го купил од аптека чинел 450 денари, наспроти ПЦР тестот за кој требало да плати околу 2.000 денари. И тој добил позитивен резултат на вирусот. Оставен на својата совест, објаснува дека се уште не излегува од домот, со цел да не го пренесе вирусот на некој друг.

Запрашан за тоа дали му претставува проблем тоа што нема да добие сертификат дека го прележал вирусот, вели дека ќе направи тест за антитела. Но, засега системот не дава таква опција, односно, за да се добие сертификат е потребно официјално да си заведен од надлежните, со позитивен ПЦР тест.

Сепак посочува дека е добро да се има алтернатива, и додава „зошто да плаќам 2.000 денари, кога можам да платам 450 денари“.

Од Министерството за здравство за Радио МОФ велат дека е потребно граѓаните да се одговорни и во процесот на тестирање, бидејќи така ќе го заштитат сопственото здравје, здравјето на своите најблиски, како и здравјето на пошироката популација.

Но, иако прашани, Министерството не одговори каков е нивниот став за брзите тестови, ниту дали постои некаков начин на кој може да се изврши контрола над овие лица.

М.К.