Позната е програмата за 49 издание на театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински”

Македонскиот теaтарски фестивал “Војдан Чернодрински” по 49 пат ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп. Ќе бидат прикажани 12 претстави во официјална конкуренција, а добитници на наградата за животно дело се Снежана Стамеска, Мустафа Јашар и Салаетин Билал, објави Нова Македонија.

Позната е програмата за 49 издание на театарскиот фестивал "Војдан Чернодрински"

Ова на денешната прес-конференција го соопшти уметничкиот директор на фестивалот Петар Темелковски. Фестивалот ќе биде отворен на шести јуни со претставата” Хеда Габлер” на Битолскиот театар, а затворен со претставата по покана “Стјуардеси” од Марк Камолети, во режија на Синиша Ефтимов, на Театарот Комедија од Скопје.

На фестивалот ќе настапат и: МНТ со “Вечна куќа”, Драмски театар со ,,Евангелие на глупоста”, Театар комедија со “Хамлет во пикантен сос”, Велешкиот театар со ” Крал Лир”, Албанскиот со ” Живот под кирија”, Турскиот со “Камен”, додека Штипскиот театар ќе се претстави со “Мрачна комедија”. Тетовскиот театар ќе ја изведе “ЕУ инспектор”, Театарот за деца и млади ” Нашиот клас”, Струмичкиот “Џорџ Орвел” додека Прилепскиот ќе се претстави со “Швејк во втората светска војна”.
На фестивалот ќе има претстави во придружна програма, промоции, како и изложба на карикатури од Цицо Поповиќ.

Прилепската публика ќе има можност претставата “Вечна куќа” од Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски да ја гледа во грандиозниот нов објект на МНТ во Скопје, за што ќе биде организиран и превоз на седми јуни.

Извор