На својот претпоследен состанок за доделувањето на наградата за најдобар превод „Драги“ жири комисијата во состав д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи-финалисти со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици (распоредени по азбучен ред според првата буква од името на преведувачот):
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание наАнтолог, 2024 година;
- Ѓоко Здравескиза преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на Бегемот, 2024 година;
- Екатерина Бабамоваза преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на Артконект, 2023 година;
- Елисавета Поповсказа преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2024 година и
- Ирена Јурчеваза преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на Паблишер, 2023 година.
Анастасија Ѓурчинова (1963) e eсеистка и преведувачка, a работи и како професорка по Италијанска книжевност на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Нејзини полиња на интерес се италијанистиката, компаратистиката, македонистиката, преведувачките студии и транскултурните студии. Се пројавува како автор на седум критичко-есеистички книги и монографии, но и како приредувач на многубројни книжевни дела, антологии, научни изданија и зборници. За својата преведувачка дејност двапати ја добила наградата „Златно перо“, доделена од Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија, како и Националната награда за преведувачки опус и афирмација на италијанската литература во странство, доделена од Министерството за култура на Република Италија во 2015 година.
Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“. Од јуни 2014 до јуни 2018, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ја организирал книжевната ѓурултија „Астални проекции“. Објавил четири книги поезија, сите во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог. Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил книгата кратки раскази „Отсечки стварност“. Досега превел десетина книги од српски/ хрватски/ босански на македонски јазик. Денес работи како лектор по македонски јазик на ИНАЛКО во Париз.
Екатерина Бабамова е родена во Скопје на 24.11.1948 година. По завршувањето на основното и средното образование, дипломира на Катедрата за англиски јазик и книжевност со руски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. По дипломирањето се вработува како професор по англиски јазик во О.У. „11 Октомври“, каде ја реализира експерименталната настава од прво до осмо одделение со примена на директната метода. Врвните резултати од експерименталната настава ѝ овозможуваат да биде избрана во звањето Самостоен педагошки советник за настава по странски јазици при тогашниот Завод за унапредување на образованието. Во 1980 и 1981 година, како добитник на Фулбрајтовата стипендија, престојува на Универзитетот Јужен Илиноис во САД каде се стекнува со степенот Магистер од областа на применетата лингвистика. По нострификацијата на магистерската диплома се вработува како асистент на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. По одбраната на докторската дисертација (1993г.) била избрана за доцент, потоа за вонреден професор и следователно за редовен професор на истата Катедра. Била активна и на полето на преводот: симултан, консекутивен, стручен и книжевен. Во текот на неколкудецениското искуство на полето на книжевниот превод, најтесна соработувала со Греам и Маргарет (Пеги) Рид, со кои изработила и неколку заеднички труда.
Елисавета Поповска е редовен професор по француска и франкофонски книжевности култури на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Докторира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на тема од областа на француската книжевност и се стекнува со звањето доктор по филолошки науки. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ работи од 1994 година. Во својство на поканет професор изведува настава на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (2006 – 2009) и на Департманот за француски јазик и литература при Филозофскиот Факултет во Ниш, Србија (2015 – 2017). Автор е на значаен број научни и стручни трудови објавувани во земјата и во странство, во значајни меќународни списанија во Соединетите Американски држави, Франција, Белгија, Романија, Србија. Преведува од француски на македонски јазик статии и дела од областа на хуманистичките науки, како и уметничка литература – препеви на поезија и преводи на романи. Два пати ја добива наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод на годината.
Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Во 2017 година ја одбранила својата магистерска теза на тема „Културолошко преведување на „Силмарилион” од Џ.Р.Р. Толкин како предизвик за преведувачот”. Досега има објавено две поетски книги, „Таинства” (2017, Метаноја) и „Огнот наш нестишен” (2022, Современост) и две збирки раскази, „Разнишан свет” (2021, Темплум) и „Белата е најстрашната боја” (2019, Темплум) за која ја добила наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!” Гостувала на повеќе поетски фестивали, читања и слем натпревари. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија. Организирала повеќе работилници за креативно пишување. Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија. Активно преведува литературa од англиски јазик.
За наградата првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ како и со паричен дел кој изнесува 30.000 денари.
Соопштувањето и доделувањето на наградите „Драги“ ќе се случи на 2 октомври во 12.30 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитниците и номинираните. Настанот ќе се случи во рамки на јубилејното, десетто, издание на Фестивалот на европска литература „BookStar“ 2024.
Како што беше соопштено претходно во истата прилика ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачот Бенјамин Лангер (Германија) за преводот на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски од македонски на германски јазик. Сето ова се случува во годинава кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на авторот. Присуството на добитникот е реализирано во соработка со Германската амбасада, а тој ќе биде и професионален учесник на втората фелоушип програма „Објавувајќи ја Европа“ (2nd Publishing Europe Fellowship).
Бенјамин Лангер за преводот на „Пиреј“ на германски јазик е добитник на наградата „Драги“