Во септември продолжува програмата на јубилејното, десетто издание на фестивалот „Прво па женско“ и тоа со концерт на Јоана Ристеска, Сара Ренар, Марија Каева и диџеј сет на Galatheia. Влезот за настанот е бесплатен.
Концертот ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 21 часот. Организаторките од „Тиииит! Инк“, порачуваат дека и оваа година, фестивалот по десетти пат ќе потсети на родовиот јаз на музичката сцена.
„Фактот дека на глобално ниво жените во музичката индустрија сè уште се малцинство, па 2022 година е доказ дека и бината е простор кој допрва треба да се освојува. Кај нас ситуацијата не е многу подобра – напротив, со оглед на тоа дека музичката индустија е скоро непостоечка, музички фестивали има малку, а за родовиот јаз сè уште се шепка“, велат тие.
Оттаму додаваат дека концертот цели да ја исправи неправдата, па затоа фестивалот својата музичка програма ја составува само од екстремно талентирани артистки и фокусот на ова издание е на жени кантавторки кои не се тука само за да пркосат на топ 10те хитови на музичките хит листи.
„Тие не се тука да пополнуваат квоти на очајната родово небалансирана сцена, а најмалку се тука за да ви се допаднат вам. Тие доаѓаат со изградени став и мисла, со причина повеќе за определбата да создаваат музика во оваа демотивирачка густа магла. Оваа година на ПРВО ПА ЖЕНСКО ја имаме честа да ги слушаме меланхоличните мелодии на емотивниот и политички разум кои ранливо се принесуваат до нашата свест, кои нѐ разнежнуваат и нѐ прават посилни“, порачуваат од „Тиииит! Инк“, додавајќи дека розовата бука никогаш не била поавтентична.
Јоана Ристеска е соло-артистка и инструменталистка од Скопје. Изведува и компонира музика за акустична и електрична гитара и со аналогни техники ја истражува можноста за експанзија на гитарскиот звук кон слоевит, оркестарски контекст.
Марија Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, како и радио водител со петнаесет годишно искуство. Низ долг период од 20 години Марија спорадично ја збогатува македонската поп архива со нумери на кои тешко им се заборава рефренот.
Сара Ренар доаѓа од Загреб и нејзиниот музички стил најсоодветно се опишува како експериментално-инди-поп мешање на мелодии со електронски и театрални елементи.
Теа Шалдева односно Galatheia е добро позната скопска стотројкашка на која музиката и е единствена постојана страст која ја води на патот до сеопфатно дејствување во тој свет.