Праксата на некои факултети недостига, иако студентите ја сметаат за важна во едукацијата

Младата Александра е студентка на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофски факултет во Скопје. Но објаснува дела факултетот кој што го избрала како почетна точка за градење на сопствената кариера не нуди практична настава.

Според неа со исклучувањето на студентите од практичната работа се отежнува нивното вработување и остварување на нивните планови за во иднина.

„Дефинитивно сметам дека праксата е потребна, затоа што преку неа се учат многу важни работи што не се учат преку теоријата“, вели Александра за Радио МОФ.

Од Студентското собрание на Филозофскиот факултет потенцираат дека и студентите и професорите соработуваат со нив кога станува збор за вклучување на праксата во образовниот процес.

Според претседателот на ова студентско претставничко тело, Димитар Здравевски, корона кризата била причина поради која се укинала праксата на некои институти на Факултетот.

„Нашите очекувања се дека после кризата постепено факултетот ќе се врати во нормала и ќе функционира како претходно“, рече Здравевски.

Редовниот професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ Петар Атанасов пак, објаснува дека процесот кој треба да го помине еден факултет за да обезбеди пракса на сите студенти не е лесен.

Според него има и факултети каде праксата претставува интегрален дел од самите студии и нејзино дополнително регулирање со закон не е потребно. Кај студентите од општествените, земјоделските, техничките и природните науки, Атанасов посочува дека праксата е исклучително потребна.

„Понекогаш практичната работа се прави несоодветно, односно постои само формално и на хартија, понекогаш не се изведува поради преоптовареноста со наставата. Сепак, факултетите треба повеќе да се посветат и да обезбедат практична настава. Некаде дел од практичната настава, на факултетите каде што има услови, би требало да се реализира во рамките на самите единици, лабораториски вежби, семинари со практична настава, а останатиот дел да се реализира во рамките на компании, институции и организации“, рече Атанасов.

Како студент на чиј факултет праксата претставува интегрален дел од самите студии, Георги од Медицинскиот факултет во Скопје вели дека зависно од предметот се одржуваат соодветни вежби на клиника и тоа важи за сите насоки кои ги има на факултетот.

„Секако дека практичната настава има голем удел во текот на студирањето , за полесно совладување на материјата, но и за искуство во понатамошната кариера. Целиот наставен кадар на Медицински факултет максимално се вложува и е достапен за студентите, секогаш одговараат на нашите барања и ни помагаат во совладување на материјата“, објаснува Георги.

Од студенти кои имаат можност да посетуваат пракса разговаравме и со Димитра, која студира Македонски јазик и книжевност на Педагошкиот факултет во Битола. Таа посочува дека факултетот редовно организира пракса за студентите, години наназад.

„Секоја академска година нашиот факултет обезбедува методичка и педагошка практика. Сум ја имала таа можност, како и привилегија да посетувам и педагошка и методичка пракса. Часовите по пракса не изостанаа и во периодот на светската ковид-криза. Тоа беше клучно за нас, студентите, затоа што имавме можност да следиме пракса непречено“, рече Димитра.

За целосно вклучување на сите студенти во процесот на практична настава, според професорот Атанасов, потребно е во новите, веќе најавени измени на Законот за високо образование, да се даде основа и можност за подолга пракса, со можност за нејзино соодветно вреднување преку кредити.

Во однос на тоа на каков начин може да се подобрат и да се унапредат можностите за практична работа на факултетите, Атанасов објаснува дека се потребни финансиски средства и материјални ресурси за практична работа, подготвени и мотивирани професори со одлични акредитирани програми, но и повеќе мотивирани студенти.

Според него во овој момент сите три фактори недостасуваат.

„Практичната работа, доколку се одвива како што е замислена во целост, би им помогнала на студентите за подобро разбирање на материјата што ја учат. Професорите како и студентите се свесни дека реализацијата на практичната настава во целост би им помогнала на студентите за полесно влегување во работниот процес“, вели Атанасов.

Професорот е дециден дека универзитетите и факултетите се должни да обезбедат и нормативни и материјални услови за тоа, но додава дека состојбите се различни од факултет до факултет.

Симона Паскоска

Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.