Од денеска Археолошкиот музеј ја започна активноста „Прашај го археологот“. Идејата е да им дадат прилика на младите да ги испратат своите прашања до археолог кои отсекогаш ги имале, но немале можност да ги постават.
„Не постојат чудни прашања, постојат само прашања кои не се поставени. Драги деца, што е она што секогаш сте сакале да прашате некој археолог, а сте немале можност? Токму сега ќе имате прилика за тоа. Преку оваа активност сакаме вам, како наши млади посетители да ви овозможиме да поставите прашања за сѐ она што ве интересира од областа на археологијата“, стои во објавата на музејот.
Пристигнатите прашања ќе бидат одговарани во неколку наврати преку видео снимка која ќе биде поставена на социјалните мрежи, со цел сите да добијат одговор на своето прашање. Прашањата може да се испратат преку порака на социјалните мрежи на Археолошкиот музеј.
Со оваа активност, музејот се приклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на музеи 2021, чија овогодишна тема е „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“.