Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, која е позитивна на коронавирусот денеска на својот Фејсбук профил објави дека се подготвува да замине на денешната седница во Собранието облечена во скафандер.
„Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив“, напиша Костадиновска Стојчевска.
За денеска во 14:15 часот е закажана седницата на која треба да се изгласаат пакетот антикризни мерки за граѓаните и компаниите погодени од пандемијата. Претходно треба да се одржи и 32-та седница на која треба да се гласа и за Националната стратегија за борба против корупцијата.
Претходниве недели проблем за одржување на седницата беше немањето кворум, бидејќи неколку пратеници од владејачкото мнозинство се позитивни на Ковид-19, а опозициските партии намерно не присуствуваа на седниците за да нема минимум 61 присутен пратеник што е предуслов законодавниот дом да одлучува.
Според Кривичниот законик оној кој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.