Правниот факултет „Јустинијан Први“ започна со враќање на парите на 74 студенти од генерацијата 2008/09, изјави деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски за Радио МОФ.
Вишиот управен суд вчера одлучи дека Правниот факултет на студентите од оваа генерација незаконски им наплаќал по 500 евра за трошоци за магистерски.
Давитковски вели дека факултетот веќе ги вратил средствата на десетина студенти, иако судската постапка за случајот е сè уште во тек.
„Без потреба се крена прашина во јавноста, ние веќе ги враќаме парите на студентите, но во исто време бараме и вонреден правен лек. Студентите индивидуално доставуваат барања за враќање на средствата со трансакциска сметка и ние им ги префрламе парите“, рече Давитковски за Радио МОФ.
Според одлуката на судот, факултетот спротивно на Законот за високо образование на студентите од генерацијата 2008/09 незаконски им наплаќал надомест на трошоци за подготвување, пријавување, прегледување, оценка и јавна одбрана на магистерскиот труд.
К.О.