Усниот дел на полагање на правосудниот испит заминува во историјата: Собранието на Република Македонија на 72 седница, вчера попладне го усвои Предлог-законот за правосудниот испит. Двата дела од правосудниот испит – теоретскиот и студијата на случај веќе од октомври 2014 година ќе се полагаат исклучиво по електронски пат, пишува Академик.мк.
Според заменик министерот за правда Билјана Бришковска-Бошкоски, унапредувањето на начинот на полагање на правосудниот испит се наметнало со развојот на информатичките технологии. Во новиот Закон за правосуден испит, како што таа истакна, се вградени позитивните искуства од воведувањето слични испити во рамките на МВР кои се полагаат преку електронски пат, а се земени предвид одредени решенија кои се однесуваат на студиите на случај содржани во законодавството на САД.
„Сметаме дека редизајнирањето на начинот на полагање, програмите кои се исклучително опсежни и комплементарни со бројните меѓународни стандарди и компаративни искуства, ќе придонесе за развивање на практичните вештини на кандидатите кои ќе го положат испитот. Исто така со предложениот закон ќе се подигне квалитетот на положените кандидати како и степенот на подготвеност на кандидатите при полагање на испитот“, рече Бришковска Бошковски.
Весна Бендевска од СДСМ посочи дека измените значат целосно деградирање на правосудниот систем и правничкото образование во Македонија. Според нејзе, ваквиот начин на полагање единствено ќе ги форсира слабите студенти со големи амбиции да станат идни судии или обвинители.
„Законот е продолжение на катастрофалната измена на Законот за високо образование од ВМРО-ДПМНЕ со кој се форсираат слабите студенти и им се дава можност откако ќе дипломираат да преполагаат пет испити на кои добиле слаби оценки за да го подобрат просечниот успех кој е еден од главните услови за упис на Академија за судии и јавни обвинители“, рече Бендевска.
Заменик министерот Бришковска-Бошковски реплицираше дека знаењето е основ за успешноста на оние кои го полагаат испитот и посочи дека прашањата во врска со студиите на случај бараат од правникот кој го полага токму логично знаење на правото.
Високи глоби за технички проблеми
Новиот закон за правосуден испит, предвидува двата дела од правосудниот испит, теоретскиот и студијата на случај да се полагаат исклучиво електронски.
Базите на прашања за првиот и базите на студии на случај за вториот дел на испитот, согласно законот, ги изготвуваат едукаторите во Академијата за судии и јавни обвинители, а ги верификува Комисија составена од: претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Апелациониот суд Скопје, претседателот на Апелациониот суд Битола, претседателот на Апелациониот суд Штип и претседателот на Апелациониот суд Гостивар.
Првиот дел од испитот содржи 50 прашања со пет опции за заокружување од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем и една е неточна во голем обем. Вториот дел од испитот се состои од две студии на случај по предметите кривично право (кривично материјално и процесно право) и граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право). Прашањата кои се составен дел од студиите на случај се од областа на предметот на кој е заснована студијата на случајот и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни.
„Полагањето на првиот дел од правосудниот испит се врши со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во тестот. Полагањето на вториот дел од правосудниот испит се врши со проучување на студиите на случај и одговарање на определен број прашања кои произлегуваат од студијата, во вид на електронско софтверско решение“, се наведува во материјалот на Законот.
На кандидатот за време на полагањето на првиот и вториот дел од испитот не му се дозволува да контактира со други кандидати или лица освен со информатичарот во случај доколку има технички проблем со компјутерот. Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а доколку не бидат отстранети во овој рок испитот само за тој кандидат се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот. Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите кандидати што го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.
Извор: Академик