Иницијатива „Култура или фискултура?“ во среда, 3 март, организира протестен марш низ Скопје со кој сакаат да го изразат својот револт за состојбата во која се наоѓаат културните работници и културата во Северна Македонија.
Маршот ќе започне во 13 часот од паркот Ибни Пајко и ќе се движи до Владата па до Министерството за култура.
„Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година беше најавувана како „Стратегија на ослободување од режимските културни политики на претходната власт“ преку инсталирање на нов модел кој ќе го анулира претходно воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт, која ја партизира културата, задушувајќи ја нејзината автономија и општествена важност. Мошне впечатлив и значаен момент во документот е ставот дека е неопходно ослободување од затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспаретноста. За жал, културата е далеку од „ослободена од заробеноста“ и принципите на Стратегијата изгледаат како хипокритична демагогија на парче хартија, затоа што во реалноста состојбите се дијаметрално спротивни и поразителни. Сѐ уште сме сведоци на партизација на институциите, каде што припадноста на партијата е повисок критериум за избор на раководно лице, член на управен одбор, па дури и обичен вработен, од критериумите на стручност, образование, искуство и компетентност кои произлегуваат од објективното расудување и се предвидени со Закон“, стои во најавата за настанот.
Организаторите на протестот најавуваат дека до надлежните ќе испратат пет барања, меѓу кои: разрешување или оставка на новоименуваниот директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица; измени во членот 27 од новиот Предлог закон за остварување на јавниот интерес во културата и негово усвојување во најбрз можен рок; вештачење и јавна проверка на документите за докажано работно искуство во областа на културата, како и сертификатите за познавање англиски јазик на сите актуелни и идни кандидати за раководни позиции во културните институции; и јавно објавување на програмите со кои конкурирале сите актуелни раководители на институции и нивните противкандидати.
Организаторите најавуваат дека протестот ќе биде одржан според сите ковид-протоколи.