Во организација на Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА од 5 мај се одржува првата онлајн конференција за развивање на дигитални игри во Македонија, MAGDA Game Dev 1UP, во склоп на која во следниот период се предвидени предавања. Конференцијата е дел од проектот Creative Producers in the Western Balkans 2021 – 2022 на British Council.
Организаторот вели дека наменета е за сите кои професионално работат на развивање на дигитални игри, но и за тие кои би сакале да ја насочат својата кариера во овој правец.
„Конференцијата ќе се одвива вкупно месец и половина. Предавањата се одржуваат неделно, секоја среда, со почеток во 18 часот. Водени се од професионалци во гејм индустријата кои од прва рака ќе ги пренесат нивните искуства. Опфатени се повеќе аспекти на развивање на дигитални игри вклучувајќи Level Design, Game Design, Character Art, Sound Design, Game Production, Game Programming, Monetization и AI in Games.
Наредни предавања кои ќе може се проследат се:
18 мај
Developing Hyper-casual Games” со Иво Нешковиќ, ко-основач на Furious Avocado
Креирање на последователни дијалози во игри и нивно разгранување” со Мартин Петковски, мултидисциплинарен програмер во KAMAi MEDIA
25 мај
„Making a Tasty VR Game” со Doug North Cook, Head of VR Fund во Robot Teddy
„AI Doesn’t Want to Kill You“ со Петар Котевски, основач на KAMAi MEDIA
1 јуни
„Monetization and Economy in F2P Games“, со Небојша Митриќески, Senior Game Economy Designer во Kabam
„Music for Video Games 101“ со Нино Васков, Game Composer во Half Past Yellow
„На крајот на конференцијата, викендот 18. и 19. јуни во Скопје ќе се одржи дводневен game jam настан со физичко присуство, кој ќе има натпреварувачки карактер. Учесниците ќе имаат можност да осмислат идеја и да креираат прототип на дигитална игра. Поканети се да учествувааат сите кои ги следеа предавањата, како и секој кој би сакал да се обиде да развие игра. Пред почетокот на настанот ќе може да се проследи предавањето на Наум Михајловски, ко-основач и раководител на Furious Avocado, на тема ‘Како да дизајнирате Хајпер-кежуал хит игра’“, велат од МАГДА.
Следењето на предавањата е бесплатно. Сите предавања се со симултан превод на знаковен јазик. Регистрацијата и следењето на предавањата се прави на веб страницата www.magda.org.mk.
Инаку, Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА е невладина организација, формирана во 2013 година. Нивната мисија е да го поддржат и промовират развивањето на игри во Македонија, како и да помогнат во проширување на заедницата. За таа цел во изминатите години имат организирано поголем број на настани меѓу кои 10 настани Global Game Jam Македонија како дел од најголемиот интернационален game jam настан; Game Развиотка, 3 мини конференции во соработка со Сеавус едукативен и развоен центар (СЕДЦ); T-Home Game Weekend конференција во соработка со Македонски Телеком, како и Game Jam Plus натпревар кој вклучува акцелераторски период и овозможува натпреварување на европско и светско ниво. Во периодот 2015 – 2017 година, во соработка со GAUSS Institut Битола и со поддршка на Амбасадата на САД, МАГДА раководеше со Game Developers Hive во Битола, инкубатор и центар за едукација во сферата на дигиталните игри.