„Дали е навистина така? Научните преиспитувања на воспоставените наративи“ е насловено предавањето на д-р Ана Мишковска Кајевска од Амстердамскиот универзитет кое ќе се одржи на 31 октомври во Јавна Соба, со почеток од 19 часот.
Предавањето го организира Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) со поддршка од фондацијата Хајнрих Бел.
„Идеите, концептите и сознанијата, со кои секојдневно се среќаваме, не треба да се земаат здраво за готово. Со други зборови, ако некои наративи се воспоставени, тоа не мора да значи дека тие се потполно или дури само делумно точни. Втемелено на примери од моите сопствени истражувања и оние на други научнички/ци, ќе повикам на препрочитување на „веќе отпечатените книги“, со цел барање на евентуално присутните невистини и предрасуди, како и на темите и субјектите што недостасуваат. Критичкото преиспитување за кое се залагам не вклучува користење на псевдонаучни аргументи, неточни информации и ad hominem напади, туку солидна научна анализа и издржана методологија, која подразбира самопромислување на сопственото место и улога во процесот на истражување и создавање на знаење“, стои во најавата на предавањето на Мишковска Кајевска.
Д-р Ана Мишковска Кајевска е истражувачка и активистка, придружна членка на Одделот за политикологија при Амстердамскиот универзитет. Таму се стекнала и со докторат од општествени науки и магистратура (cum laude) од социологија и родови студии. Во 2015 година нејзината докторска дисертација ја доби наградата за најдобра дисертација од областа на родот и политиката што ја доделува Европскиот конзорциум за политички истражувања. Американскиот издавач Раутлеџ го објави тоа истражување во форма на книга, насловена „Феминистички активизам во војна: белградските и загрепските феминистки во 1990-те“. Книгата беше номинирана во 2018 година за Џозеф Ротшилдовата награда од областа на национализмот и етничките студии. Покрај национализмот, военото насилство и феминизмот, Мишковска Кајевска ја интересираат и епистемологијата, женските репродуктивни права и слободи, како и ЛГБТ прашањата.