На 11 јули (сабота), со почеток во 12 часот, во ГЕМ клубот во Стара чаршија, една од најеминентните светски историчарки проф. Марија Тодорова ќе одржи предавање на тема „Дали постои слаб национализам и дали е тоа корисна категорија?“.
Марија Тодорова е професор по историја на Универзитетот Илиноис, а нејзина специјалност е историјата на Источна Европа, со особен фокус на Балканот и Османлиската империја во модерниот период. Тодорова предавала на универзитетите во Софија и во Флорида и била гостин-професор на низа универзитети во САД и Европа, меѓу кои Харвард, Рајс, Калифорнија-Ирвин, Босфорскиот универзитет и многу други.
Авторка е на повеќе монографски публикации, есеи и статии за социјалната и културната историја, историската демографија и историографијата на Балканот во 19. и 20. век, со посебен фокус на проблемите на национализмот, особено на симболиката на национализмот, националната меморија и националните херои. Нејзина најзначајна книга е „Замислувајќи го Балканот“ која е преведена на тринаесет јазици.
Во рамките на своите долгогодишни истражувања и анализи на историографијата и на типологијата на национализмот, а особено државно спонзорираниот национализам, Тодорова во своето предавање ќе се осврне на концептот за т.н. „слаб национализам“. Користејќи ја компаративно оваа аналитичка категорија, таа го толкува национализмот во Бугарија и во Македонија како два примери – студии на случај, во рамките на балканскиот, европскиот и глобалниот контекст. Тодорова, исто така, ќе се осврне и на емотивните аспекти на национализмот, особено на чувствата на гордост и понижување како централни вектори на мобилизирачката моќ на национализмот.
Модератор на настанот во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија ќе биде Ирена Стефоска, професор на Институтот за национална историја