Здружението „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“, на 18 декември, со почеток во 18 часот во „Кино Култура“ организира предавање и јавна дискусија на тема „Политички театар”.
Вообичаената дефиниција на поимот политички театар е дека станува збор за „поим кој означува театар што се користи за политички цели, обично како дел од кампања или движење, понекогаш како дел од работата на политичката партија. Во најширока смисла, терминот може да има широка примена, од театар во заедницата до подигнување на свеста од страна на групи со специфичен идентитет, како што се движењата за правата на жените, афроамериканците или ЛГБТ заедницата. Неговата употреба е често непрецизна, преклопувајќи се со други термини како алтернативен, герила или радикален театар.
Предавањето на универзитетскиот професор Мишел Павловски ќе биде проследено со јавна дискусија со Лорета Георгиевска-Јаковлева, Софија Куновска, Маја Стевановиќ и Филип Јовановски, додека модератор ќе биде Биљана Тануровска – Ќулавковски.
Предавањето ќе се обиде да ги разгледа недоразбирања околу терминот „политички театар“, како и термините и прашањата кои се во релација со него, како про-активна публика, естетика, институционални и вонинституционални простори, критички мултикултурализам и поликултурализам, театарот и глобализацијата и post-human performance. Исто така ќе посочи одредени примери за политички театар од светската и македонската театарска историја.
Мишел Павловски е редовен професор по културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговото поле на истражување вклучува културолошки студии, студии за медиумите и студии за театарот. Раководител и главен истражувач во проектот „Македонската литературна дата база“. Главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Спектар“ (2010-2012). Еден од оснивачите и член на Редакцијата на меѓународното научно списание „Култура“. Член на Друштвото на писателите на Македонија. Член на претседателството на ДПМ и негов секретар за внатрешни активности.
Мишел Павловски е добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за книгата „Македонија: вчера и денес “ и колективната награда за наука „Гоце Делчев“ за проектот „Театарот на македонска почва“ (2003).
Предавањето и дискусијата се дел од „Програмата на Локомотива во Кино Култура во 2019 година”, програмска линија „Уметност, Политика, Институција, Тело“ поддржана од Министерство за култура и Општина Центар.