„Да се биде уметничко дело: уметноста како себе-дизајнирање“ е насловено предавањето на филозофот Борис Гројс, кое ќе се одржи денес, на 16 декември, со почеток во 19 часот.
Ова е уште едно предавање во рамките на Интердисциплинарната програма, преку која во Музејот на современата уметност се одржува серијалот онлајн предавања „Без/редие во светот на уметноста“.
Борис Гројс е филозоф, есеист, критичар, теоретичар на медиуми и водечки експерт за уметност и литература од периодот на советската ера, особено Руската авангарда.
Гројс е професор по руски и славистички студии на Универзитетот во Њујорк, како и професор и научен соработник на Универзитетот во Карлсруе за уметност и дизајн. Неговата работа вклучува радикално различни пристапи, преку Францускиот постструктурализам до модерната Руска филозофија. Неговиот опус убедливо е позициониран на пресекот помеѓу естетиката и политиката. Гројс е под влијание на голем број модерни и постмодерни филозофи и теоретичари, вклучувајќи ги Жак Дерида, Жан Бодријар, Жил Делез и Валтер Бенјамин.
Борис Гројс е автор на делата „Тоталната уметност на сталинизмот“ (1992), ,,Исчезнување на точката Москва’’ (1994), „Уметност на инсталацијата“ (1996), „Инвенцијата на Русија“ (1995 година), ,,Илија Кабаков: Човекот кој полета во вселената од неговиот дом ’’ (2006), ,,Моќта на уметноста’’ (2008), ,,Комунистички постскрипт’’ (2010), „Историјата која станува форма: Московскиот концептуализам’’ (2010), „Вовед во антифилозофијата“ (2012) и „Рускиот Космизам“ (2018).
Автор на проектот „Без/редие во светот на уметноста“ е Тихомир Топузовски.