Музејот на современа уметност, заедно со Проектниот простор Прес ту егзит, во среда најавуваат предавање на Сабина Саболовиќ, член на кураторскиот колектив What, How & for Whom/WHW. Предавањето кое ќе се одржи во Музејот, започнува во 20 часот.
Сабина Саболовиќ ќе ја претстави практиката на кураторски колектив од кој и самата е дел – What, How & for Whom/WHW – кој се занимава со континуираната реконфигурација на односите на уметничката и културна продукција со поимите на историјата и политиката.
Презентацијата ќе се фокусира на нивниот најнов проект насловен “Моето слатко мало јагне (сè што гледаме може да биде и поинаку)”, ко-куриран со Катрин Ромберг (Kathrin Rhomberg).
Насловен по делото на хрватскиот уметник Младен Стилиновиќ (1947-2016), проектот е инспириран од неговиот постојан анти-систематски уметнички пристап во потрага по автономни начини на уметничкото создавање. По шесте изложбени прикажувања, одржани во периодот од ноември 2016 година до мај 2017 година во независни уметнички простори, уметнички студија и приватни станови во Загреб, проектот имаше епилог во The Showroom, во Лондон кон крајот на 2017 година [во ко-кураторство со Емили Петик (Emily Pethick)]. Базиран врз Колекцијата Kontakt Art од Виена, која вклучува антологиски дела на уметници од Централна, Источна и Југоисточна Европа од 1960 година до денес, проектот ги спротивставува канонските дела од колекцијата со намера да адресира и одново да формулира некои од постојано актуелните теми присутни низ делата во колекцијата, како што се радикалниот утопизам, фигурата на уметник дисидент, прашањата за родот, политичките субјективитети и ангажираното делување, и статусот на јавниот простор.
Сабина Саболовиќ е член на кураторски колектив What, How & for Whom/WHW формиран во 1999 година со седиште во Загреб и Берлин (заедно со Ивет Чурлин, Ана Девиќ и Наташа Илиќ. WHW колективот организира продукциски, изложбени и издавачки проекти, и е вклучен во долгорочни колаборативни платформи и културни политики.
Од 2003 година WHW ги води програмските активности на Галерија Нова, простор кој припаѓа на градот Загреб, во Загреб. Покрај тоа, WHW курира меѓународни проекти, вклучувајќи го 11 истанбулско биенале, 2009; Meeting Points 7 – “Десет илјади лукавствата и сто илјади трикови” (Загреб, Антверпен, Каиро, Хонг Конг, Бејрут, Виена, Москва), 2013-14 и “Навистина корисно знаење”, Музеј Реина Софија, Мадрид 2014. Неодамна тие го курираат проектот “Моето слатко мало јагне (сè што го гледаме може да биде и поинаку)” во соработка со Катрин Ромберг и Емили Петик, во 2016-17.