Во рамките на осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, годинава тематски насловен како „Заробени во слободата“ свое предавање на тема „Иконокластични изведби: Кон Агонистичка Политика на Слики“ ќе одржи академикот и визуелен уметник Андреј Мирчев.
Настанот ќе се одржи во четврток (25 јануари) со почеток во 18:00 во просториите на КСП Центар Јадро.
„Фокусирајќи се на концептот на иконoкластична изведба, предавањето го обмислува на мачниот однос помеѓу уметничките практики и современата политика обележана со неолиберална амнезија. Во контекст на тековните културни војни, актите на кршење на сликите означуваат субверзивни тактики за нарушување на циркулацијата на неофашистичките идеологии усогласени со територијалната логика на капитализмот, патријархалното и колонијалното насилство“, се вели во најавата.
Андреј Мирчев покрај визуелен уметник е и драматург. Неговото истражување се занимава со дијалектички трансфер помеѓу теоријата и практиката, а неговите интереси се: просторна теорија и теорија на изведба, интермедијалност, меморија и архиви. Мирчев бил научен соработник во Меѓународниот истражувачки центар „Преплетување на културите на перформанс“ во Берлин. Предавал на Институтот за применети театарски студии во Гизен, на Универзитетот за уметност и дизајн (HfG) во Карлсруе и на Институтот за театарски студии, ФУ Берлин. Во моментов е гостински професор на Универзитетот за уметности во Берлин.