Предавање на тема „Класичниот кинески поет како дејствувачко лице на историјата“ во ДПМ

Во понеделник (14 октомври) во 19 часот во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) синологот Игор Радев ќе одржи предавање на тема „Класичниот кинески поет како дејствувачко лице на историјата“.

„Првиот именуван поет на европската култура е Хомер, слепиот бард, кој пее за војни, јунаци, градови и држави, но не учествува во нив: токму физичкиот хендикеп – слепоста, небаре служи како симбол за неговата одвоеност од историската пракса. Од друга страна, првиот именуван поет во кинеската традиција Чју Јуен (343-278 пр. н.е.) е висок службеник на својата држава, активен политичар и воено-дипломатски стратег, за кого поезијата претставува и еден вид призма, низ која се прекршува државничката дејност“, стои во објавата на настанот.

Поетското читање „Вечер со Руми“, кое се одржа на 30 септември, и предавањето на Радев ќе биде од отворен карактер и во насока на приближување на активностите на Друштвото на писателите на Македонија до јавноста, преку организирање поетски читања и предавања што го уважуваат и ни го приближуваат древното книжевно и културно наследство од ширум светот.