Вечерва во клубот ГЕМ во Старата скопска чаршија, со почеток во 19 часот ќе се одржи предавање на полскиот интелектуалец Кшиштоф Чижевски насловено „Слобода наспроти солидарност: предизвикувајќи ја современата уметност и култура“, што ќе биде проследено со јавна дискусија.
„…Ни требаше време да разбереме дека слободата без еднаквост и братство носи ропство. Населувајќи ги суверените национални држави почнавме да се чувствуваме загрозени од внатрешното и надворешното насилство од оние кои го искусиле, од прва рака, недостатокот на солидарност. Постојано проширувајќи го опсегот на индивидуалните слободи научивме да го распознаваме горчливиот вкус на отуѓувањето, себичноста и осаменоста меѓу другите луѓе, како и депресијата, најчестата болест на либералните општества. Тоа е искуство на модерноста, кое не’ направи свесни дека човекот се раѓа за слобода, но станува навистина слободен само кога е во можност доброволно да се откаже од својата слобода за повисока цел. Односно, да се врати на солидарноста…“, се вели во најавата за предавањето.
Чижевски е граѓански активист, есеист, театарски продуцент и издавач. Важи за еден од најголемите полски и европски интелектуалци, како и за дисидент и андерграунд уметник од времето на Железната завеса. Во 1990 година ја основа Пограничната фондација со цел да се зачува културната различност во Централна и Источна Европа, уништена меѓу двете светски војни. Тој е особено активен во земјите во кои беснеат војни и етнички тензии, обидувајќи се да поттикне услови за закрепнување на општеството и да го овозможи интеркултурниот и интеррелигискиот дијалог.